ПОЖАРОТ ВО ТЕТОВО ДЕЛУМНО СТАВЕН ПОД КОНТРОЛА, НО И ПОНАТАМУ НАД ГРАДОТ СЕ НАДВИВААТ ГУСТИ ОБЛАЦИ ОД ЦРН ЧАД 

    ПОЖАРОТ ВО ТЕТОВО ДЕЛУМНО СТАВЕН ПОД КОНТРОЛА, НО И ПОНАТАМУ НАД ГРАДОТ СЕ НАДВИВААТ ГУСТИ ОБЛАЦИ ОД ЦРН ЧАД Во гаснењето на пожарот учествува и градежната механизација од неколку фирми кои во цистерни носат вода, а се вклучи и еден полициски хеликоптер додека подоцна се приклучи и еден голем армиски хеликоптер. (Фото: СДК.МК)

    Борбата на тетовските пожарникари со големиот пожар во складот на фабриката „Пофикс“ и понатаму трае. Поради големата површина која ја зафати пожарот на нив напомош им притекнаа противпожарните единици од Гостивар, Скопје, Куманово, Кавадарци, и едно возило со специјална пена од аеродромот ТАВ.

    Во гаснењето на пожарот учествува и градежната механизација од неколку фирми кои во цистерни носат вода, а се вклучи и еден полициски хеликоптер додека подоцна се приклучи и еден голем армиски хеликоптер. Во пожарот гори градежен материјал но најмногу стиропор поради што се излегува густ црн чад кој се надвисна над Тетово. Од Центарот за управување со кризи велат дека извршиле испитување на воздухот и дека во него не се детектирани отровни материи.

    „Тим на македонската армија од четата за атомска, биолошка и хемиска опасност, влезе непосредно до самиот пожар и со најмодерна опрема, донација од САД, изврши испитување на воздухот при што утврдија дека нема отровни гасови. Испитување на воздухот беше извршено и во околината па така од аспект на отровни гасови, воздухот е безбеден. За секој случај ние очекуваме и дополнително испитување на воздухот иако има мала веројатност да постојат отровни гасови кои нивната опрема не може да ги детектира. Видливо е дека има зголемено ниво на ПМ10 честички што значи дека воздухот е загаден, но нема отровни гасови. Покрај полицискиот хеликоптер побаравме поддршка и од еден армиски хеликоптер за да ја одржува линијата на стопирање на ширење на пожарот“, изјави директорот на ЦУГ Стојанче Ангелов.

    Поради густиот и црн чад претпладнево, кога изби пожарот, Општина Тетово донесе одлука денеска и утре да се затворат училиштата и градинките, а учениците и децата да се пуштат дома. Оваа наредба попладнево делумно е повлечена па утре наставата во тетовските училишта продолжува.

    „Во оваа фабрика се произведуваат производи врз база на нафтени деривати, кои се високо запаливи материјали и затоа иако е локализиран пожарот уште гори. Граѓаните на Тетово беа во неизвесност дали има штетни материи во воздухот поради пожарот. Од информациите кои ги добивме од ЦУК веќе сме посмирени бидејќи е утврдено дека нема отровни материи во воздухот. Сакам да ги информирам сите граѓани дека нема некоја посериозна опасност по нивното здравје. Исто така ги повикувам сите училишта од утре да продолжат со образовниот процес кој денеска беше прекинат сé додека не ги добивме овие информации“, изјави градоначалникот на Општина Тетово Билал Касами.

    Пожарот во складишниот простор на фирмата „Пофикс“ изби изутринава околу 9 часот и триесет минути. Складот се наоѓа во просториите на поранешното претпријатие „Македонија табак“, а веднаш до него се и работните погони на фабриката. Иако тетовските пожарникари многу брзо пристигнаа на местото на пожарот, поради силниот пламен предизвикан од лесно запаливите материјали не може да го изгаснат, а густиот чад исто така ги спречуваше поуспешно да интервенираат. Во пожарот нема жртви, а неколку вработени кои се обидувале да го изгаснат пожарот полено се повредени поради вдишување на чадот.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира