ПРАТЕНИЧКА ОД ВМРО-ДПМНЕ РЕЧЕ ДЕКА ДЕБАТАТА ЗА ПЛАТФОРМАТА Е ДЕГУТАНТНА И МОНОТОНА

    ПРАТЕНИЧКА ОД ВМРО-ДПМНЕ РЕЧЕ ДЕКА ДЕБАТАТА ЗА ПЛАТФОРМАТА Е ДЕГУТАНТНА И МОНОТОНАИ денеска во Собранието меѓу себе дискутираа со реплики и контрареплики само пратениците од ВМРО-ДПМНЕ. - Пратеничката Дафина Јованоска - Стојаноска

    Пратеничката Дафина Јовановска – Стојановска од ВМРО-ДПМНЕ кажа дека дискусијата за т.н. Тиранска платформа станала монотона и дегутантна на денешното 14. продолжение на конститутивната седница на Собранието.

    „Монотоно и дегутантно е да дискутираме 14 дена за платформата. Но нема друг начин да ја разобличиме“, рече пратеничката Дафина Јовановска – Стојановска.
    И денеска меѓу себе дискутираа, си реплицираа ама не како противење, туку како поддржување еден на друг, само пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, во недоглед.

    Пратеничката Јовановска – Стојановска потоа го праша лидерот на СДСМ Зоран Заев дали е вистина дека монетите ќе бидат двојазични, дали е вистина дека ќе се менуваат грбот знамето, химната, дали е вистина дека ќе има промена на химната. Потоа сама си даде одговор дека Заев ги прифатил тие промени, иако претходно рече дека не знае дали се заговара промена на националните симболи и на монетите.

    Лилјана Затуроска од ВМРО-ДПМНЕ излезе по неа и рече: „Да, можеби расправата за платформата е монотона и дегутантна, ама нема друг начин колешке да се спречи намерата на СДСМ и на албанските партии да ја остварат целта“.

    Во реплика на Затуроска, Панчо Минов од ВМРО-ДПМНЕ, пак, го прозва Народниот правобранител Иџет Мемети,а Трајко Вељаноски нервозен го прекина и му кажа дека не е тема на расправа Народниот правобранител.

    Панчо Минов продолжи, па отиде до таму да побара и укинување на Законот за извршители. Излезе Затуроска со реплика, се надоврза на сопартиецот Минов и рече: „Ете и јас ќе го повикам Народниот правобранител Иџет Мемети да слезе меѓу граѓаните на Струга, да види со какви проблеми живеат во општината“.

    Денеска ниту еден пратеник од СДСМ не реплицираше или имаше процедурална забелешка. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ продолжија да ги кажуваат истите фрази од првиот ден на продолжението на маратонската седница за избор на претседател на комисијата за избори и именувања и претседател на Собранието.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира