ПРАТЕНИЧКАТА ЛАЗАРОВА СО ПОВРЕДИ НА ГЛАВАТА ОСТАНУВА НА НЕВРОХИРУРГИЈА

    ПРАТЕНИЧКАТА ЛАЗАРОВА СО ПОВРЕДИ НА ГЛАВАТА ОСТАНУВА НА НЕВРОХИРУРГИЈАПратеничката Мери Лазарова и градоначалникот на Општина Валандово Перо Костадинов.(Фото: Собрание/Фејсбук)

    Пратеничката од СДСМ Мери Лазарова е во стабилна состојба, по вчерашната сообраќајна несреќа на патот Демир Капија-Удово. Министерот за здравство Венко Филипче вели дека Лазарова во Клиничкиот центар била донесена вчера околу 20 часот со повреди на главата.

    „Има лесна повреда на главата и е во стабилна состојба. Немаше потреба од никаква хируршка интервенција, и нема други повреди. Ќе ја задржиме уште неколку дена на опсервација. Хоспитализирана е на Клиниката за неврохирургија“, вели д-р Филипче, кој и самиот е неврохирург.

    Според информациите од Министерството за внатрешни работи, вчера околу 17.50 часот на патот Демир Капија – Удово, на место Маркова Чешма се случила сообраќајна несреќа, во која Лазарова управувајќи патничко возило „опел корса“ со гевгелиски регистарски ознаки, удрила во одрон од камења на коловозот.

    „Веднаш потоа лицето А. М. (57) од Богданци, управувајќи товарно возило ‘волво’ со гевгелиски регистарски ознаки, кој возел зад ‘опелот’ удрил во него“, стои во полицискиот извештај за несреќата.

    Пратеничката и нејзиниот сопатник, градоначалникот на Валандово Перо Костадинов, со возило на Итна помош се пренесени во Општата болница Кавадарци. Кај Костадинов биле констатирани телесни повреди, а пратеничката поради сериозноста на повредите е пренесена во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје.

    „Увид на местото на настанот изврши Јавен обвинител и увидна екипа од Полициската станица Неготино“, велат од МВР.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира