ПРАТЕНИЧКАТА ЖАКЛИНА ПЕШЕВСКА ОД ВМРО-ДПМНЕ ЗА ДА ЈА ОМАЛОВАЖИ ВЛАДАТА, ОД ГОВОРНИЦА КАЖА ДЕКА Е БЕЗНАДЕЖЕН ПАЦИЕНТ ПРИКЛУЧЕН НА АПАРАТИ

    ПРАТЕНИЧКАТА ЖАКЛИНА ПЕШЕВСКА ОД ВМРО-ДПМНЕ ЗА ДА ЈА ОМАЛОВАЖИ ВЛАДАТА, ОД ГОВОРНИЦА КАЖА ДЕКА Е БЕЗНАДЕЖЕН ПАЦИЕНТ ПРИКЛУЧЕН НА АПАРАТИПратеничката Пешевска не им дава големи шанси на тешкоповредените или на болните приклучени на апарати, според споредбата што ја направи денеска со, според неа, едвај живата Влада. (Фото: К. Попов)

    Жаклина Пешевска, пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ, на денешната собраниска седница за владината реконструкција, ја спореди Владата со тешко болни луѓе приклучени на апарати.

    „И оваа Влада е всушност пациент на апарати, кој едвај преживува. Пред една година  го спасивте вие од Алтернатива, а оваа година го спасува Алијанса“, кажа Пешевска.

    Никој од пратениците не реагираше на споредбата. По Пешевска, излегуваа нејзини колеги да искажат револт за починатото лице од цистична фиброза зашто Министерството за здравство не го обезбеди лекот за овие стотина лица и да го обвинат премиерот Димитар Ковачевски за лицемерие, оти вината за ненабавувањето на лекот ја насочил кон министерот во разрешување Беким Сали од Алтернатива.

    По експозето на Ковачевски, кое беше сумирана содржина од секојдневните објави и прес-конференции каде кажува дека не се случи потоп како што, според него, ги лажеше ВМРО-ДПМНЕ граѓаните дека ќе немаме струја, туку дека Македонија сама произвела 40 отсто повеќе од планираната енергија, потоа дека има нови инвестиции и илјадници вработувања и дека нè чека светла иднина без кочничарот ВМРО-ДПМНЕ, партија во изолација, следуваа противаргументи од опозицијата.

    Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ на Алијанса за Албаниците ѝ дадоа уште покус рок во коалицијата на СДСМ и на ДУИ, од рокот на Алтернатива, која излезе од власта. Тие обвинуваат за криминал, клиентелизам, за немање храброст Ковачевски да го смени министерот за образование од ДУИ, зашто сме единствената држава во Европа без учебници.

    Пратениците од власта, премиерот и министрите ги слушаа сите критики и удари кои доаѓаа од ВМРО-ДПМНЕ, кои само малку пред тоа, за време на експозето, тие довикуваа: „Аииии“, „Бреее“, „Лажеш“, „Ахахахах“, „Ќути бе, ај бегај“.

    Толку гласно довикуваа од место, што од галеријата, кај што се сместени новинарите, не можеше ништо да се слушне што е експозето, заборавајќи дека јавноста на Собранискиот канал го слуша само говорникот во собраниската сала, а не и дофрлувањата и урлањето од место, кои им пречат само на новинарите.

    Според предложената реконструкција, за нов министер кој ќе раководи со Министерството за правда, предложен е Кренар Лога од Алијанса (место Никола Тупанчески од СДСМ).

    За министер кој ќе раководи со Министерството за здравство, предложен е Фатмир Меџити од Алијанса (на местото на Сали од Алтернатива).

    За министер кој ќе раководи со Министерството за информатичко општество и администрација, предложен е Азир Алиу од Алијанса (место Адмирим Алити од Алтернатива).

    Министерка која ќе раководи со Министерството за животна средина и просторно планирање, ќе биде Каја Шукова од СДСМ (на местото на Насер Нуредини од ДУИ).

    Алијанса за Албанците има 8 пратеници во Собранието, а Алтернатива 4. Владејачкото мнозинство досега имаше 64 пратеници.

    Но, денеска пак само 64 пратеници од мнозинството беа избројани во собраниската сала. Барем на почетокот, не дојдоа пратениците од ДУИ на чело со Изет Меџити, кои се во конфликт со претседателството на ДУИ, поради вицепремиерот Артан Груби и министерот за надворешни работи Бујар Османи.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира