Пратеничките од ВМРО-ДПМНЕ Благица Ласовска и Даниела Рангелова ги осудија квалификациите со сексизам од партискиот портпарол Наум Стоилковски, кој новата министерка за финансии Нина Ангеловска ја нарече „Нина Групировка“ и „Џирло девојка“.
По вчерашната заедничка прес-конференција на премиерот Зоран Заев и на Ангеловска, кој беше прв нејзин настап пред новинарите откако во саботата беше избрана на функцијата, Стоилкоски на Фејсбук напиша:
„Излезе Заев со Нина Групировка за да си го претстави за Ребалансот. Таа тргна барем да одговори прашање; тој го презеде микрофонот! Сега е јасно дека со финансии министерува Заев, а Нина е Џирло Девојка- презентерка за владините Светлечки Јојоа и Стомак елиминатори. Ова е комплетно киднапирање на институции!“.
Денеска неговата сопартијка Рангелова реагираше на постот на Стоилковски.
„Најостро го осудувам било кој сексистички напад на секоја жена без разлика на било која политичка партија е членка или функционерка! А воедно ќе продолжам да бидам остра критичарка за работењето на оваа Влада и нејзините функционери! Но, да го задржиме нивото на однесување и да престане говорот на омраза насочен кон жените!“, напиша на својот Фејсбук профил Даниела Рангелова.
По неа, со уште покритички тон, напиша пост со осуда и пратеничката Ласовска:
„Осудувам секаков говор на омраза и не поддржувам сексизам, шовинизам и родово несензибилизирани изјави, во било која форма со која се навредуваат жените, нивните права и слободи, било тоа кога се прави од највисоките носители на власта или поединци од опозицијата. Останувам на првата линија на одбрана на женските права, борбата за почит на жената и нејзината слобода“. Ласовска побара да престане говорот на омраза кон жените.
С. К. ДЕЛЕВСКА