Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесат иницијатива за разрешување на членовите на Судскиот совет, кажа денеска премиерот Христијан Мицкоски.
„На државата и граѓаните им е потребна правда, а правда може да се добие со длабоки реформи и сериозни промени наспроти досегашните пракси на злоупотреби кои имаат пуштено длабоки корени во системот. Македониjа мора да се бори против своето корумпирано мочуриште кое jа држи заробена и заложник и е причина за неjзино пропаѓање и разочарување кај многу од граѓаните. Затоа пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесат иницијатива за разрешување на членовите на Судскиот совет, кој според мое длабоко убедување е дел од системот кој останува главното упориште на корупцијата, неправдите и разочарувањата“, кажа денеска премиерот.
Во разговор со пратениците од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, тие прецизираа дека ќе поднесат интерпелација всушност само за петтемина членови кои ги избрало Собранието.
„Право на органот што ги бира, во случајов на Собранието, е да ги разрешува, односно да биде задоволен или незадоволен од работата на членовите на Судскиот совет. Ќе поднесеме интерпелација за нивното работење и ќе дискутираме овде. За членовите на Советот избрани на непосредни избори од самите нивни колеги, судии, ние немаме ингеренции. За нив интерпелација или каква било друга иницијатива за разрешување, ние немаме ни надлежност, ни право да поднесуваме“, велат иницијаторите.
Во сегашниот состав на Судскиот совет, на предлог на Собранието и на претседателот на државата, а изгласани од претходното парламентарно мнозинство, се: Селим Адеми, Милазим Мустафа, Весна Дамева, Павлина Црвенковска, Тања Чачарова-Илиевска и Весна Дамева на која сите овие ѝ направија пуч во 2023 година.
Пратениците велат дека од претседателот на Собранието Африм Гаши, ќе бараат веднаш интерпелацијата на оваа петорка да биде ставена во собраниска процедура.
С. К. ДЕЛЕВСКА