ПРАТЕНИЦИТЕ НА СДСМ БАРААТ СОБРАНИЕТО ДА ФОРМИРА АНКЕТНА КОМИСИЈА ЗА ПОЖАРОТ ВО ДИСКОТЕКАТА „ПУЛС“ СО 63 ЖРТВИ, АПАСИЕВ НАЈАВИ СЕДНИЦА ЗА СЛЕДНАТА НЕДЕЛА

    ПРАТЕНИЦИТЕ НА СДСМ БАРААТ СОБРАНИЕТО ДА ФОРМИРА АНКЕТНА КОМИСИЈА ЗА ПОЖАРОТ ВО ДИСКОТЕКАТА „ПУЛС“ СО 63 ЖРТВИ, АПАСИЕВ НАЈАВИ СЕДНИЦА ЗА СЛЕДНАТА НЕДЕЛАВикендот на протестот во Скопје семејствата на загинатите пред Собранието побараа да се формира независна комисија за испитување на трагедијата оти имаат сомнеж дека вистината остана скриена. (Фото: К. Попов)

    Пратениците на СДСМ и Коалицијата денеска ќе поднесат предлог до Собранието за надзорна расправа и формирање посебна анкетна комисија за целосно и независно испитување на трагедијата во дискотеката „Пулс“. Ваквиот предлог на СДСМ следи откако викендот, на протестот во Скопје, семејствата на загинатите пред Собранието побараа да се формира независна комисија за испитување на трагедијата оти имаат сомнеж дека вистината остана скриена.

    „Пратениците на СДСМ и Коалицијата ги поддржуваат барањата на семејствата на загинатите и повредените во Кочани. На денешната координација на пратеничката група на СДСМ и раководството на партијата оценивме дека ова се неопходни чекори за проверка на постапувањето на сите институции, утврдување на политичка одговорност, како и подготовка на понатамошни мерки и решенија за вакви трагедии никогаш повеќе да не се случат во Македонија. Ги повикувам сите пратеници од сите политички партии да ги поддржат овие иницијативи во македонското Собрание“, изјави пратеникот и претседател на СДСМ Венко Филипче.

    Пратеникот и претседател на Левица Димитар Апасиев, како претседател на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот во Собранието, вчера најави дека следната недела ќе закаже посебната комисиска седница за трагедијата во Кочани.

    „На седницата ќе се разгледува добиената претставка од ‘Здружението 16-ти Март‘ на родителите од Кочани на која ќе се расправа за изнесените наводи поврзани со страшната трагедија во дискотеката ‘Пулс‘. На седницата официјално ќе бидат поканети и претставници на подносителите“, рече Апасиев.

    Во пожарот на 16 март загинаа 63 главно млади луѓе, а над 200 беа повредени. Судењето за трагедијата во Кочани почнува утре. Судењето ќе се одржува во судницата во Казнено-поправната установа (КПУ) Идризово. Обвинителниот акт опфаќа 35 физички лица и три правни субјекти, меѓу кои поранешни министри, градоначалници, директори, инспектори и одговорни лица во фирмите поврзани со ноќниот клуб.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира