Повлечен од скратена постапка и поднесен за редовна е предлогот за измена и дополнување на Законот за јавните набавки, поднесен во Собранието по скратена постапка на 5 декември од пратениците од ВМРО-ДПМНЕ Александар Јамалов, Антонијо Милошоски, Бојан Стојаноски, Драгана Бојковска, Зоранчо Јованчев, Игор Здравковски, Љупчо Пренџов, кој беше на дневен ред на 22. пленарна седница на Собранието. Според информацијата на сајотот на Собранието, пратениците го повлекле предлогот на 13 декември, а истиот ден го поднеле истиот предлог-закон за редовна постапка. Предлог-законот е ставен на дневен ред на 23. Пленарна седница на Собранието закажана за утре.
Предлог-измените наидоа на остра реакција од Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата која бараше веднаш да се стопира иницијативата за измена на Законот, како и од Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК).
Анткорупциската платформа укажа дека предложените законски измени со кои се укинува управната контрола на јавните набавки што ја спроведува Бирото за јавни набавки (БЈН) се сериозно уназадување на заштитата од корупција во услови кога според оценките на сите релевантни меѓународни и домашни чинители корупцијата во јавните набавки е широко распространета. Наместо, според препораките, да се зајакнува управната контрола и да се проширува опфатот на тендери кои ќе бидат контролирани врз основа на постојните „црвени знаменца“ за ризици од корупција, оваа контрола се укинува без каков и да е аргумент. Воведувањето на т.н. административна проверка наликува на стариот механизам кој веќе се применуваше и беше предмет на многу контроверзи и критики од сите релевантни институции.
Од Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата велат дека дополнително, иако еднаш веќе беше повлечен предлогот, повторно се предвидува престанок на мандатите на претседателот и на членовите на Државната комисија за жалби по јавни набавки, без да бидат исполнети услови за разрешување и без какви и да се јавни консултации.
И Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) изрази „сериозна загриженост“ поради предложените измени и дополнувања на Законот за јавните набавки, кои се носат по скратена постапка и без широка јавна расправа, експертска дебата и сеопфатна анализа на нивните последици, и најави дека почна со спроведување на антикорупциска проверка на предложените измени и дополнувања на Законот.
С. НИКОЛИЌ