ПРАТЕНИЦИТЕ ОД ВМРО-ДПМНЕ И ДИМИТРОВ СЕ ИСКАРАА КОЈ Е КРИВ ШТО НЕМА ДАТУМ ЗА ПРЕГОВОРИ СО ЕУ

    ПРАТЕНИЦИТЕ ОД ВМРО-ДПМНЕ И ДИМИТРОВ СЕ ИСКАРАА КОЈ Е КРИВ ШТО НЕМА ДАТУМ ЗА ПРЕГОВОРИ СО ЕУПратениците од власта бараа од претседателот Антонијо Милошоски да овозможи нормални услови за работа и дека не доликува пратениците да се расправаат како да се на пазар, по што беше дадена пауза. (Фото: К. Попов)

    Поради меѓусебни обвинувања, упаѓања во збор и довикувања беше прекината денешната седница на Комисијата за надворешни работи, на која министерот Никола Димитров ја образложуваше неговата работа, состојбата во Министерството, како и недобивањето датум за почеток на преговори со ЕУ.

    Во говорот, министерот Димитров кажа дека Македонија направила сѐ што се барало од неа, а одлуката на Европскиот совет и недобивање датум е грешка на европските лидери.

    „Тоа во своите говори го кажаа сите европски лидери. Против одлуката за почетокот на преговорите беше само Франција. Да не го доведуваме ова прашање на партиски препукувања. Ќе беше многу подобро да го затворевме ова прашање уште многу порано, после Самитот во Букурешт во 2008 година. Не знам кај ќе бевме до сега. Поради пропуштените возови, сега сме со пакет во Албанија. Во однос на домашните задачи одговорност има и опозицијата, со недонесување на Законот за јавно обвинителство. Апелирам деновиве да се постигне договор и што побрзо да се донесе законот за да имаме чиста кандидатура“, рече Димитров.

    Пратеникот Илија Димовски му рече на Димитров дека со Договорот со Грција е направена штета, а тој не дал никакви резултати односно не донел датум за почеток на преговори. За Димовски, власта шири пропаганда говорејќи дека ВМРО-ДПМНЕ е против Европската Унија и НАТО.

    „Онолку колку што е направена штета со спомениците, исто толкава штета правите што кажувате дека првата најголема партија во земјава е против евроатланските интеграции. Тоа значи дека најголем број од граѓаните се против ЕУ и НАТО“, рече Димовски.

    Димитров му одговори дека токму со тоа што говорат дека ќе го отворат прашањето за Договорот со Грција кога ќе дојдат на власт, покажува дека нивните интереси не се ЕУ и НАТО.

    „Обвинувања доаѓаат од партија која ја закопа државата. Да работевте за државна кауза, немаше да дојдеме до оваа ситуација“, кажа Димитров.

    Потоа, наместо во дебата седницата се претвори во меѓусебни довикувања. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ говореа дека Димитров бил советник во владата на Никола Груевски, која сега остро ја критикува. Пратениците од власта бараа од претседателот Антонијо Милошоски да овозможи нормални услови за работа и дека не доликува пратениците да се расправаат како да се на пазар.

    „Јас сум тука да ви одговорам на вашите прашања, но доколку четворица во исто време ми влегуваат во збор, не може да се одвива дебата“, рече Димитров, по што Милошоски даде пауза од половина час.

    А. АНТЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира