ПРАТЕНИЦИТЕ СЛОЖНО ИЗГЛАСАА ДА СЕ ИСПЛАТАТ СКОРО 3 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА ПОЛИТИЧКИТЕ ПАРТИИ, ШТО БЕА СКРАТЕНИ ПОРАДИ КОРОНАКРИЗАТА

    ПРАТЕНИЦИТЕ СЛОЖНО ИЗГЛАСАА ДА СЕ ИСПЛАТАТ СКОРО 3 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА ПОЛИТИЧКИТЕ ПАРТИИ, ШТО БЕА СКРАТЕНИ ПОРАДИ КОРОНАКРИЗАТАНикој од пратениците не се спротивстави на Законот за финансирање на политичките партии поради тешката економска ситуација, ниту поднесе амандман. (Фото: Собрание на РСМ)

    По принципот „сложни попови и во петок мрсат“, пратениците вчера со апсолутен консензус и без никаква бука си изгласаа поврат на парите за политичките партии што со уредба на 19 јуни Владата ги запре во вонредната состојба поради коронакризата. Во пакет ги изгласаа и парите што им следуваат за 2021 година.

    Во јуни, на предлог на Министерството за правда Владата донесе Уредба со законска сила за финансирање на политичките партии во 2020 година, со што рекоа дека четири милиони евра предвидени за политичките партии  дека ќе останат во Буџетот. Сега со измените ќе ја земат разликата, но не 4 милиони евра, разликата ќе се пресметува на 30% помалку од четири милиони.

    Сето тоа одеше преку измена на Законот за финансирање на политичките партии, зашто место целосен износ, се договориле сепак да си земат 30 отсто помали суми од 2019 година, односно од тоа што го пропишуваше Законот за финансирање на политичките партии. Значи, и разликата за оваа година од сумата што им беше сопрена, и полната сума за секоја партија што треба да ја добијат следната година, ќе бидат со ист намален процент за 30 отсто од таа што беше пред коронакризата.

    Вкупните средства за годишно финансирање на политичките партии за 2020 година и за 2021 година се во висина од 0,105% од вкупните приходи на Буџетот. На политичките партии, на кои им се исплатени средства во износ согласно со  Уредбата со законска сила за финансирање на политичките партии во 2020 година, (за време на вонредната состојба), ќе им се исплати разликата на средства најдоцна до 31 декември 2020 година.

    Пратениците и од власта и од опозицијата за парите што треба да ги добијат од буџетот на граѓаните, вчера покажаа невидена слога. За разлика од оваа тема, за другите, како што е гласањето на онлајн работа на заразените и на пратениците во изолација поради ковид-19, тие остануваат закрвени, секој на својот став. Трите илјади амандмани за блокада на измените на Деловникот стојат, опозицијата не ги повлекува.

    Вчера, дури четири пленарни седници беа закажани во Собранието, кое усвои и закони што произлегуваат од четвртиот пакет-мерки на Владата за справување со последиците од ковидкризата, за разлика од претходните денови, па и седмици, кога најчесто немаше кворум.

    Вчера, дури и „Предлог-декларацијата за осуда на бугарските национал-шовинистички претензии“ поднесена од Левица поминала во прво читање, иако во тој момент кога се гласало за неа Димитар Апасиев не бил во собраниската сала.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира