ПРЕД ДА ГИ ВИДАМ ЧЕТИРИТЕ ТЕЛА КАЈ СМИЉКОВСКОТО ЕЗЕРО СЛУШНАВ И ИСТРЕЛИ, РЕЧЕ ЗАГРОЗЕНИОТ СВЕДОК ВО „МОНСТРУМ“

    ПРЕД ДА ГИ ВИДАМ ЧЕТИРИТЕ ТЕЛА КАЈ СМИЉКОВСКОТО ЕЗЕРО СЛУШНАВ И ИСТРЕЛИ, РЕЧЕ ЗАГРОЗЕНИОТ СВЕДОК ВО „МОНСТРУМ“На минатото рочиштe загрозениот сведок рече дека видел 4 тела,но денеска, на прашање на судијата Огнен Ставрев одговори дека слушнал истрели пред да ги види легнатите тела крај Смиљковското Езеро. Според тоа, ова лице чиј идентитет го знае само судијата Ставрев, е единствениот сведок кој кажува дека бил присутен на место и време на злосторството; - од судењето за „Монструм“ (Фото: Ѓ. Личовски)

    Загрозениот сведок бил таму кога се случило убиството на четирите момчиња и рибарот кај Смиљковското Езеро на 12 април 2012, рече тој на денешното судење за случајот „Монструм“ на СЈО. На минатото рочиште тој рече дека видел 4 тела. Но денеска, на прашање на судијата Огнен Ставрев одговори дека слушнал истрели пред да ги види легнатите тела крај Езерото. Според тоа, ова лице чиј идентитет го знае само судијата Ставрев, е единствениот сведок кој кажува дека бил присутен на место и време на злосторството.

    На прашање зошто ова првпат го кажува, со оглед дека ова судење се одржува по вторпат, сведокот рече: „Па никој тогаш не ме праша“.

    Во трите испитувања досега, загрозениот сведок како присутни секој ден наназад и на 12 април 2012 на денот на убиствата, ги препозна присутните обвинети во судницата Фејзи Азири, Агим Исмаиловиќ и Сами Љута. Во судницата беше и Хаки Азири, обвинет дека по свирепото убиство ги одвезол обвинетите Алил Демири и Африм Исмаиловиќ до косовската граница, откога се во бегство. Кога ја сврте камерата судијата кон публиката, загрозениот сведок рече дека препознава меѓу присутната јавност „уште некој“, но дека од сигурносни причини нема да каже кој е тој.

    На 12 април 2012 кај скопското Смиљковско Езеро беа убиени Филип Славковски, Александар Наќевски, Цветанчо Ацковски и Кире Тричковски (на возраст од 18 до 21 година), сите од Радишани, Скопје, и 45-годишниот рибар Борче Стевковски од Црешево.

    За случајот „Монструм“ обвинети се вкупно 6 лица. Им се суди во Основниот суд Скопје 1, организиран криминал, по втор пат.

    С. К. ДЕЛЕВСКA

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира