ПРЕГОВАРАЧКИОТ ПРОЦЕС СО БУГАРИЈА МОРА ДА ЕВРОПЕИЗИРА, А НЕ ДА БУГАРИЗИРА, ДВА ИНСТИТУТА ГИ ПРЕТСТАВИЈА МАКЕДОНСКИТЕ ЦРВЕНИ ЛИНИИ

    ПРЕГОВАРАЧКИОТ ПРОЦЕС СО БУГАРИЈА МОРА ДА ЕВРОПЕИЗИРА, А НЕ ДА БУГАРИЗИРА, ДВА ИНСТИТУТА ГИ ПРЕТСТАВИЈА МАКЕДОНСКИТЕ ЦРВЕНИ ЛИНИИПовикувањето на ЕУ за 'заемно прифатливо решение' меѓу двете држави е неприфатливо. ЕУ мора да го спречи и да го реши без да ја префрла одговорноста преку повици за решавање на 'билатералното прашање', велат ИДСЦС и ЕПИ; - Ковачевски го пречекува Петков во Скопје на 18 јануари годинава. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Македонската држава не треба да престане да разговара со Бугарија, но исто така никогаш не смее да поддржи преговарачки процес со ЕУ, кој ќе стане основа на разнебитување на нашата државност, загрозувајќи ја внатрешната и регионалната стабилност кон несогледливи последици, се вели во документот на Институтот за демократија (ИДСЦС) и Институтот за европска политика (ЕПИ) испратен до Кабинетите на Претседателот и Премиерот на државата, Министерството за надворешни работи и Секретаријатот за европски прашања.

    „Повикувањето на ЕУ за ‘заемно прифатливо решение’ меѓу двете држави е неприфатливо. ЕУ мора да го спречи и да го реши без да ја префрла одговорноста преку повици за решавање на ‘билатералното прашање’. Таквата политика е спротивна на европските вредности. Преговарачкиот процес мора да европеизира, а не да бугаризира. Сите барања на Бугарија се меѓусебно поврзани и сите го загрозуваат македонскиот идентитет. Оттука, тие не смее да се гледаат и да се третираат засебно. Бугарија треба да се обврзе темите за етнојазичната генеза на Македонците да не бидат услов во европската интеграција, во спротивност, таа ни дава ‘отровно црвено јаболко’, а интеграциите ги прави антиевропски“, се вели во документот.

    ИДСЦС и ЕПИ укажуваат дека Македонија треба да се воздржи од започнување преговори со ЕУ по секоја цена, позиција што остава простор за преговарачкиот процес, што е алатка за идентитетски и историски ревизии. Во отсуство на доверба и од позиција на очај, не може да се дојде до одржливо и достоинствено решение, бидејќи другата страна стекнува впечаток дека ветото функционира, велат во документот.

    „Владата не треба да се потпира исклучиво на билатерални преговори со Бугарија, во услови кога ветото ја прави бугарската позиција во преговорите несразмерно посилна, туку да обезбеди принципиелен ангажман на другите земји членки на ЕУ. Во моментов, нема никаква гаранција дека и покрај веќе направените и најавените концесии, државата ќе стане членка на ЕУ. Меѓу државите членки на ЕУ, нема реален консензус за зачленувањето на шесте држави од Западниот Балкан, не додека не заврши или барем паралелно не се одвива и внатрешната реформа во Унијата. Тоа никако не значи дека европската интеграција не треба да биде основна стратегиска цел на државата, но политичките чинители се должни да ја имаат предвид оваа реалност кога носат одлуки од историско значење за нацијата“, велат во документот двата института.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира