Претседателот на Собранието Талат Џафери попладнево ја прекина собраниската седница и продолжението го закажа за в среда во 11 часот. Пратениците денеска расправаа за распишување на оглас за избор на нов државен јавен обвинител. Опозициските пратеници тврдат дека процедурата за распишување на оглас за избор на јавен обвинител е спротивна на Изборниот законик.
„Покажувате ароганција во однесувањето во Парламентот. Брутално го злоупотребувате тенкото парламентарно мнозинство. Исто како и при разрешувањето на Марко Зврлевски и сега не го почитувате Иборниот законик“, рече координаторот на првата пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски.
Пратеникот на СДСМ Петре Шилегов на колегите од опозицијата им рече дека кога ќе се спомнат зборовите „јавно обвинителство“, веднаш предизвикуваат нервоза кај пратениците на ВМРО-ДПМНЕ.
Според законската процедура, по усвојување на предлогот во Собранието, огласот за кандидати за јавен обвинител ќе биде распишан во „Службен весник“ и во најмалку два дневни весника од кои еден мора да биде на албански јазик, по што тече рокот за пријавување на кандидатите од 15 дена. Потоа Владата поднесува барање за мислење до Советот на јавни обвинители, кое што овојпат има обврзувачка улога, за разлика од постапката за разрешување, кога мислењето на Советот е повеќе од процедурална природа.
Советот има рок од 15 дена од денот на приемот на барањето од Владата да даде позитивно или негативно мислење за сите пријавени кандидати. По ова, Владата до Собранието доставува предлог за именување јавен обвинител со кандидатите за кои Советот дал позитивно мислење.
Во случај Советот од оправдани причини во рок од 15 дена не достави мислење, добива дополнителен рок од 15 дена, но ако и во овој рок Советот не достави мислење, се смета дека мислењето е позитивно.
Ако пак Советот не даде позитивно мислење за ниту еден од пријавените кандидати, Владата не може да достави предлог за именување јавен обвинител и може да му предложи на Собранието да го повтори огласот.
За разрешувањето и за именувањето јавен обвинител, Собранието одлучува со просто мнозинство со 61 глас. Собранието го разреши државниот јавен обвинител Марко Зврлевски на 17 август. За негово разрешување гласаа 64 пратеници, а немаше против и воздржани. ВМРО-ДПМНЕ не присуствуваше на гласањето.