Три угостителски објекти се затворени бидејќи примале невакцинирани гости. Пазарниот инспекторат во изминативе десетина дена откако на сила стапија мерките на Владата со кои се забранува невакцинирани лица да посетуваат кафулиња и кафеани, при контролите на терен заедно со Министерството за внатрешни работи затворил три објекти, а поднесена е и една прекршочна пријава.
Меѓу затворените објекти е и ресторан за свадба каде при контролата речиси никој од гостите не биле вакциниран.
„Контролите низ угостителските објекти ги правиме заедно со полицијата бидејќи ние како Пазарна инспекција не можеме да бараме легитимирање на гостите. Прекинавме една свадба каде речиси никој од гостите немаше сертификат за вакцинација, а во Скопје затворивме и кафуле во центарот на градот каде имаше невакцинирани млади луѓе“; вели Александра Котели портпарол на Пазарната инспекција.
Инспекторите велат дека главно во угостителските објекти се почитуваат мерките на Владата, секаде има лице кое им бара на гостите потврда за вакцинација, но има лица кои покажуваат сертификати од други лица, нивни пријатели, а вработените во кафулињата не смеат да ги легитимираат. Затоа понекогаш на помош се повикува полицијата која ги вкрстува податоците од личните документи со сертификатите за вакцинација.
Казните за непочитување на мерките од Владата се 250 евра за физичките лица кои ќе бидат затекнати без сертификат за вакцинација, а до 30.000 евра за угостителскиот објект.
„И во наредниот период, контролите и надзорите од Државниот пазарен инспекторат ќе продолжат со засилено темпо на работа во интерес на јавното здравје, а заради превенирање и заштита на населението од ширење на корона вирусот“, велат од Пазарната инспекција.
А. АНТЕВСКА