ПРЕМИЕРОТ КОВАЧЕВСКИ АПЕЛИРА НА ДИЈАЛОГ ЗА ДА НЕМА ИНФЛАЦИЈА, ГИ ПОВИКА НАСТАВНИЦИТЕ ДА НЕ ГО НАРУШУВААТ ОБРАЗОВНИОТ ПРОЦЕС

    ПРЕМИЕРОТ КОВАЧЕВСКИ АПЕЛИРА НА ДИЈАЛОГ ЗА ДА НЕМА ИНФЛАЦИЈА, ГИ ПОВИКА НАСТАВНИЦИТЕ ДА НЕ ГО НАРУШУВААТ ОБРАЗОВНИОТ ПРОЦЕСОд средбата на премиерот со Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) во владата на 29 март. (Фото: Влада на РСМ)

    Премиерот Димитар Ковачевски ги повикува наставниците од основните и средните училишта „да ги стават интересите на децата на прво место и да се погрижат да не се наруши образовниот процес“, пред генералнот штрајк на Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) што треба да почне утре.

    „Нема да добиеме ништо ако ја покачиме инфлацијата, а токму тоа ќе се случи ако се реализираат барањата вака како што се поставени“, објави на Фејсбук премиерот Ковачевски, апелирајќи да не запира процесот на образование и да се продолжи со дијалогот за да се изнајде прифатливо решение.

    „Правото на штрајк е загарантирано право и јас целосно го почитувам. Но социјалниот дијалог е единствениот пат да дојдеме до заеднички решенија. Така постигнавме договор за минималната плата и за пензиите, тој е начинот на кој треба да се реши и овој предизвик. Оваа Влада докажа дека има слух за барањата и не бега од решенија. Докажавме и дека клучен приоритет е токму зголемувањето на платите, па така платите на наставниците кумулативно се покачени за 21% во последните четири години. Но, Владата мора одговорно да го менаџира буџетот и да се грижи за економијата.  Во време на огромна економска криза апелирам на разум и поддршка за заедничко надминување на проблемите“, вели Ковачевски.

    Претходно денеска, претседателот на СОНК Јаким Неделков кажа дека наставниците кои штрајкуваат од утре ќе престојуваат во заеднички простории договорени со директорите на школите и градинките и нема да извршуваат воспитно-образовни активности, а одговорност на директорите е да организира прифаќање на децата кои евентуално ќе дојдат во училиштата. Неделков укажа дека СОНК нема да ги затвори училиштата и градинките, но никој нема право да ги присилува вработените да прифаќаат деца за време на штрајк, и ја повика Владата што побрзо да го почне преговори со Синдикатот за да се најде решение за барањата. Штрајкот ќе трае сè додека не се најде решение.

    Од утре ќе бидат одложени и активности кои во меѓувреме биле закажани, како наставнички совети, родителски средби, полагање стручни испити и ученички натпревари, односно ќе биде одложено сè што е поврзано со згрижување, образование и воспитание на деца.

    СОНК не отстапува од барањето платите во образованието да се усогласат со минималната плата, која од овој месец се зголеми на 18.000 денари. Синдикатот бара минималната плата во иднина да биде основицата со која ќе се множат коефициентите на сложеност на работните места во образовниот сектор. Програмската определба на Владата е минималната плата уште да расте, па така автоматски со закон би растела и платата на воспитувачот.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира