ПРЕМИЕРОТ НАЈДОБРО ЗНАЕ КОЈ ОД НЕГОВИОТ ТИМ РАБОТИ, РЕЧЕ ФИЛИПЧЕ НА ПРАШАЊЕТО ДАЛИ ОЧЕКУВА ДА БИДЕ СМЕНЕТ

    ПРЕМИЕРОТ НАЈДОБРО ЗНАЕ КОЈ ОД НЕГОВИОТ ТИМ РАБОТИ, РЕЧЕ ФИЛИПЧЕ НА ПРАШАЊЕТО ДАЛИ ОЧЕКУВА ДА БИДЕ СМЕНЕТ„Ќе чекаме премиерот да ја направи динамиката и нивото во кое треба да се направи промената, но концепт секако имаме“ - Венко Филипче, министер за здравство (Фото: Влада на РСМ)

    Министерот за здравство Венко Филипче одговарајќи на новинарско прашање дали очекува и тој да биде дел од чистката во високите раководни структури што ги најави премиерот Зоран Заев и дали можеби ќе има промени и на директорските функции во здравството, кажа дека премиерот најдобро знае кој од неговиот тим добро работи, кој останува и кој е отворен за комуникација.

    Тој  на одбележување на меѓународниот ден на медицински сестри  во Скопје кажа дека вакви анализи се правеле и за работата на директорите на јавните здравствени установи и во Министерството за здравство.

    „Како што најави премиерот, согласно перформансите,  согласно исполнувањето на работните обврски на функционерите ќе се преземат активности за промена на одредени кадри, тоа е негово право. Тој најдобро знае кој од неговиот тим добро работи, ги исполнува обврските, останува и е отворен за комуникација со граѓаните. Таква анализа и јас лично и дел од тимот во Министерството за здравство правевме за раководните структури во сите јавни здравствени установи. Во следниот период што доаѓа, ова прашање ќе се затвори“, рече министерот Филипче.

    Тој кажа дека во наредниот период очекува уште поголеми промени во здравството, при што е свесен дека промените што ги очекуваат граѓаните не може да се случат преку ноќ.  Смета дека сепак, во овој кус период додека е министер, решил огромен број акутни и сериозни проблеми.

    „Овде пред се мислам на програмите, огромните барања на пациентите со дијабет, со паралелниот увоз, за ретки болести, вакцините… Буџетот за вакцините го зголемивме за 30 отсто, и имаме еден од најсовремените календари за имунизација во целиот регион, сличен на календарите на земјите од западна Европа“, рече Филипче.

    Тој кажа и дека оваа влада значајно ги зголемила платите на сите здравствени работници, и дека со вработување на сите млади доктори кои ќе завршат медицински факултет по добивање на лиценците, ќе се смени мапата на бројот на вработени доктори.

    Венко Филипче е член на Владата на Заев од 25 декември 2017 година. Пред него министер за здравство шест месеци беше Арбен Таравари кој поради кандидатурата за градоначалник на Гостивар ја напушти владата.

    Е. БОЧВАРОСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира