ПРЕСАДУВАЊЕ ОРГАНИ ОД ДАРИТЕЛ СО МОЗОЧНА СМРТ ВО ПРИВАТНИТЕ БОЛНИЦИ САМО ЗА МАКЕДОНСКИ ДРЖАВЈАНИ

    ПРЕСАДУВАЊЕ ОРГАНИ ОД ДАРИТЕЛ СО МОЗОЧНА СМРТ ВО ПРИВАТНИТЕ БОЛНИЦИ САМО ЗА МАКЕДОНСКИ ДРЖАВЈАНИСпоред планот на Министерството за здравство, за користење на просторот на приватните болници Фондот за здравствено осигурување ќе им плаќа по референтните цени за трансплантација што се плаќа на државните клиники; - Министерот Венко Филипче (Фото: Министерство за здравство)

    Во приватните болници кои ќе се јават за добивање лиценца за трансплaнтација на јавниот повик, кој Министерството за здравство најави дека ќе го распише наредната недела, пресадување на органи од починат дарител ќе може да се прави само за македонски државјани и на барање на Министерството за здравство. Тие ќе можат да прават трансплантација кај странски државјани исклучиво од живи дарители и со одобрение од Интернационалната фондација Еуротрансплант, за меѓугранична размена на органи од починати дарители.

    „Идејата да им се дадат лиценци за трансплантација на приватните болници е да се искористи нивниот просторен капацитет во случаи кога нема да има услови тоа да се направи во Клиниките, односно во случаи кога треба да се прави трансплантација од дарител со мозочна смрт. Во такви случаи органите треба да се искористат во одреден временски рок и ако нема место на клиниките или пак во тек е реновирање, да имаме опција каде би го направиле зафатот“, вели министерот за здравство Венко Филипче.

    Владата во април годинава на предлог на Министерството за здравство донесе одлука да се прошири листата за издавање лиценци за трансплантација на клетки за лекување хематопоетски матични клетки, срце, панкреас, очни ткива, црн дроб, бубрези и бели дробови, односно на листата да се вклучат и приватните болници. На претпоследната седница Владата ја усвои предлог-уредбата за проширување на здравствената мрежа, со што се овозможува да се распише јавниот оглас за доделување лиценци.

    По пауза од скоро три години, во Центарот за трансплантација на Клиниката за урологија годинава се направени 13 трансплантации на бубрези од жив дарител, а до крајот на годината треба да се направат уште 16, односно толку парови има за пресадување бубрег.

    Пред застојот во Центарот за трансплантација, освен пресадување бубрези од жив дарител, во рок од две години беа направени 15 трансплантации од починат донор. Годинава такви трансплантации сè уште нема.

    Според неофицијални податоците од Здружението „Нефрон“, околу 150 пациенти со бубрежна болест чекаат трансплантација.

    Филипче вели дека предуслов за развој на кадаверична трансплантација, или пресадување органи од починат дарител освен добар тим и добри услови, потребно е да имаат и листа на чекање направена според меѓународни критериуми.

    „На Клиниката за нефрологија претходно имало листа на чекање, но таа е стара и не важи. Сега до центрите за дијализа испративме барање да ни дадат листа на потенцијални кандидати за трансплантација, да се види дали ги имаат направено сите потребни испитувања и врз основа на досиејата што за нив се водат на Клиниката за нефрологија да се даде пречистена листа на која точно ќе се знае, кој е прв, а кој следен за добивање орган. Ваква листа претходно немало. За нас е предизвик да се направи оваа листа за трансплантација на бубрези, бидејќи за други органи во моментов нема многу кандидати, кои се јавуваат инцидентно“, вели Филипче.

    Тој вели дека откако ќе ја добијат оваа листа, која ќе биде под строга контрола од Министерството за здравство, Националниот координатор за трансплантација д-р Маја Мојсова, која е и директор на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување, заедно со болничките координатори за трансплантација и тимот од лекари клиниките за нефрологија и урологија ќе почнат со регрутирање на органи од пациенти со мозочна смрт.

    „Ниту една трансплантација не може да се направи без одобрение од Министерство за здравство и од Националниот координатор, кој со тимот што треба да ја прави трансплантацијата, кажува дали на Клиниката може да се направи зафатот. Ако нема услови заради реновирање или нешто друго, тогаш се бара просторот во приватните болници и тоа со одобрение од Министерство за здравство“, вели Филипче.

    Според планот на Министерството за здравство, за користење на просторот на приватните болници Фондот за здравствено осигурување ќе им плаќа по референтните цени за трансплантација што се плаќа на државните клиники.

    „Во случаи кога има пациенти на кои им требаат органи и имаме органи од кадавер, на пример црн дроб, а на клиниките нема соодветен тим што треба да ја изведе трансплантацијата, тогаш на наше барање согласно лиценцата приватната болница треба да обезбеди странски експерт кој ќе ја изведе интервенцијата. И ова ќе важи само за македонски државјани“, вели Филипче.

    Е. БОЧВАРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари