Преспанскиот договор меѓу Македонија и Грција е уникатна можност за помирување на Западниот Балкан која можеби нема да се повтори, рече високата претставничка за безбедносна и надворешна политика на Европската унија Федерика Могерини во интервју за МИА, и повтори дека ЕУ целосно го поддржува постигнатиот договор.
„Се надевам дека сите страни ќе ги зграпчат моментот и дека ќе обезбедат иднина во ЕУ за земјата, иднина која цела нација се надева со години да стане реалност“, вели Могерини и истакна дека „постигнатиот историски договор може да придонесе за трансформација на целиот регион на Западниот Балкан“.
На прашањето дали позитивен резултат при имплементацијата на Догвоорот ќе значи забрзување на процесот на проширување на ЕУ, Могерини вели дека „помирувањето, регионалната соработка и добрососедските односи играат клучна улога во нашиот ангажман во Западниот Балкан и е клучен принцип на процесот на проширување, така што решавањето на така тежок спор е од огромна важност за регионот и прилика за напредување по патот кон ЕУ“.
„Ако моментов се искористи мудро за да се напредува во реформите кои се потребни, тогаш пред нас е значаен прогрес. Земјите-членки го отворија патот за старт на преговори во јуни в година, врз база на јасни услови. Ова е дел од нашиот засилен ангажман во регионот, кој е од интерес за сите, и за земјите членки и за регионот“, вели Могерини.