Амбасадорот на Европската Унија во Република Северна Македонија Дејвид Гир денеска на претседателката на Врховниот суд Беса Адеми официјално ѝ го предаде новиот Извештај за напредокот на Република Северна Македонија, во кој има пофалби.
„Она што е од особено значење за Врховниот суд е што во новиот Извештај, како и минатата година, највисокиот суд во државата повторно е оценет позитивно, што е потврда на континуираните заложби. Ова за нас претставува голема сатисфакција. Вложивме многу посветеност и енергија на овој план. Во Извештајот се потенцираат активностите на Врховниот суд во поглед на конзистентноста на судските одлуки, унапредувањето на судската практика, транспарентноста, работата на Советот за отворено судство и утврдувањето на начелните ставови засновани на европските стандарди“, кажа Адеми пред амбасадорот Гир.
Гир ги пофали активностите и заложбите на Врховниот суд кои се позитивно нотирани, нагласувајќи дека владеењето на правото, независноста, ефикасноста и транспарентноста на судството имаат клучна улога за европските аспирации на Македонија, а Врховниот суд е посветен на овие принципи, на што упатува и новиот Извештај на Европската унија.
Претседателката на Врховниот суд кажа дека за исполнувањето на европските стандарди потребни се волја, решителност, сериозен пристап, како и доследна примена на принципите за независно судство.
С. К. ДЕЛЕВСКА