По објавувањето на интервјуто во САКАМДАКАЖАМ.МК денеска, во кое претседателката на Врховниот суд Беса Адеми меѓу другото, побара ако има и одговорност за судии кои ги одолговлекуваа и враќаа предметите за висока корупција, таа итно доби покана од Судскиот совет за сослушување, в понеделник (6 ноември).
Адеми во интервјуто го констатира истото кое се зборува со години, дека постојат притисоци од политиката на различни начини, кое што впрочем го кажа и американската амбасадорка Анџела Агелер на 25 октомври, по разговорот со врховните судии. Но, по нејзината изјава со која апелира политиката да го остави на мир судството, како и по соопштението на Врховниот суд со идентична содржина, Судскиот совет не ја повика Адеми на испрашување.
Сега кога Адеми излезе на интервју во медиум, Судскиот совет составен од луѓе од политиката дојдени од секаде, само не од судството, и од судии кои се од пониските судови, бара отчет за нејзината слободна мисла искажана во медиум.
Во меѓувреме, јавноста уште чека Павлина Црвенковска да каже какви бизнис-притисоци трпела и од кого биле тие, а за кои зборуваше лани кога си поднесе оставка на функцијата претседателка на Судскиот совет.
Под фотографијата со поканата за в понеделник, Судскиот совет објави соопштение во кое наведува дека во последните неколку дена во медиумите се објавени повеќе написи за политички притисоци врз судиите на Врховниот суд, реакции на политички партии, како и интервјуто на претседателката на овој суд, Беса Адеми.
„Сметаме дека е неопходно да ја информираме јавноста дека евентуалното вршење на притисоци од било каков вид судиите, е недозволиво и крајно загрижувачко. Од овие причини, претседателот на Судскиот совет на РСМ, Сашко Георгиев утрово оствари телефонски разговор со претседателката на Врховниот суд Беса Адеми заради остварување работна средба со членовите на Советот, заради ова исклучително важно и сензитивно прашање. По тој повод е испратена и писмена покана до г-ѓа Адеми, во која се повикува на работна средба в понеделник, на 06.11 2023 година во 11 часот во просториите на Судскиот совет“, наведува Советот на веб-страната.
С. К. ДЕЛЕВСКА