Тригодишнината од руската воена агресија врз Украина денеска беше одбележана во просториите на делегацијата на Европската унија во Скопје. Настанот го организираше Амбасадата на Украина во земјава, а говореше амбасадорката Лариса Дир.
Меѓу присутните беа претсадателката Гордана Сиљановска-Давкова, вицепремиерот Изет Меџити, министерот за европски прашања Орхан Муртезани, заменик-министерот за надворешни работи Зоран Димитровски, амбасадорката на САД Анџела Агелер, евроамбасадорот Михалис Рокас, британскиот амбасадор Метју Лосон и неколку амбасадори на земјите-членки на ЕУ акредитирани во Скопје.
Со едноминутно молчење и изјави од присутните, беше испратена порака за поддршка на Украина.
„Храброста има име, а тоа е Украина. Ние сме со Украина сè додека е потребно“, објави на својата Фејсбук страна делегацијата на Европската унија во земјава.
- ОН ЈА ОТФРЛИЈА РЕЗОЛУЦИЈАТА НА САД, КОСПОНЗОРИРАНА И ОД МАКЕДОНИЈА, СО КОЈА СЕ БАРА КРАЈ НА ВОЈНАТА ВО УКРАИНА БЕЗ ДА СЕ СПОМЕНЕ РУСКАТА АГРЕСИЈА
- ОДЛУЧИВМЕ ДЕКА ВО ОН ТРЕБА ДА ЈА КОСПОНЗОРИРАМЕ РЕЗОЛУЦИЈАТА НА САД ЗА КРАЈ НА ВОЈНАТА МЕЃУ РУСИЈА И УКРАИНА, РЕЧЕ МИЦКОСКИ
Генералното собрание на ОН денеска не ја одобри американската резолуција со која се бара крај на војната без да се спомене агресијата на Русија. Македонија, заедно со Унгарија, Грузија и Израел, e коспонзор на овaa резолуција на САД. Генералното собрание ја одобри ривалската украинска резолуција поддржана од Европа, со која се бара Русија веднаш да се повлече од Украина.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска на прес-конференција не даде детален одговор зошто е одлучено Македонија да биде коспонзор на американската резолуција.
„Па така одлучивме, дека ќе бидеме коспонзори на Резолуцијата што ја поднесоа Соединетите Американски Држави во Обединетите нации. Очекувам таа да биде поддржана од мнозинството во ОН“, кажа Мицкоски.
Од Министерството за надворешни работи (МНР) на чело со министерот Тимчо Муцунски потоа соопштија дека одлуките за спонзорирање и гласање за резолуциите на Генералното собрание на ОН немаат и не треба да бидат толкувани како повлекување или промена на претходно изразените позиции.
„Напротив, со нив Северна Македонија ја реафирмира цврстата поддршка за Украина и продолжува со осудата на агресијата на Руската Федерација“, реоа од МНР за тоа дека земјава е коспонзор на предлог-резолуцијата на САД за Украина со која се бара крај на војната без да се спомене агресијата на Русија, а не на предлогот којшто го поддржа ЕУ.
Oд МНР велат дека изразуваат силна солидарност и одговорност кон украинскиот народ и неговите напори за целосна заштита на територијалниот интегритет, суверенитетот, независноста, слободата и демократијата. Според МНР, одлуките на Македонија во поглед на поддршката и гласањето за резолуциите на Генералното собрание на Обединетите нации се донесени „врз основа на темелно истражување и анализа на актуелните глобални надворешно-политички движења, утврдените позиции на влијателните меѓународни чинители, заложбата за зацврстување на мирот, безбедноста и просперитетот во светот, како и стратешкиот интерес на државата за создавање стабилна позиција и градење поцврсти односи со стратешките партнери“.
„Особено се земени предвид и актуелните силни заложби на претседателот на САД, Доналд Трамп и американската администрација за побрзо завршување на воените активности меѓу Украина и Руската Федерација преку водење ефективни и непосредни преговори, чија основна цел е што поскоро постигнување на траен мир и безбедност во Украина и поширокиот регион“,велат од МНР.
А. АНТЕВСКА