ПРИФАТЕНИ СЕ НАШИТЕ ПРЕДЛОЗИ ЗА УСТАВНИТЕ АМАНДМАНИ, В ПОНЕДЕЛНИК ИНИЦИЈАТИВА ЗА ФОРМИРАЊЕ ТЕЛО ЗА ПОМИРУВАЊЕ, КАЖА КАНЧЕСКА-МИЛЕВСКА

    ПРИФАТЕНИ СЕ НАШИТЕ ПРЕДЛОЗИ ЗА УСТАВНИТЕ АМАНДМАНИ, В ПОНЕДЕЛНИК ИНИЦИЈАТИВА ЗА ФОРМИРАЊЕ ТЕЛО ЗА ПОМИРУВАЊЕ, КАЖА КАНЧЕСКА-МИЛЕВСКА„Апелирам колегите од ВМРО-ДПМНЕ да учествуваат во сите овие процеси“, рече Канческа Милевска. - Канческа Милевска со колегите Емилија Александрова, Нола Исмајлоска Старова, Зеќир Рамчиловиќ и Владанка Авировиќ (Фото: СДК.МК)

    Координаторката на независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ Елизабета Канческа-Милевска кажа дека владата ги прифатила нивните предлози кои ќе бидат вметнати во нацрт уставните амандмани.

    „Баравме амандман со кој ќе се гарантира македонскиот идентитет во Уставот, со обврска на републиката да го штити културното и историското наследство на македонскиот народ. Второто наше барање е доколку Грција не го ратификува Договорот и повторно блокира, да има поништување на сите уставни амандмани“, рече Канческа-Милевска на денешната прес-конференција на независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ.

    Таа додаде дека со прифаќање на овој амандман, нема да постои можност да ја прифатиме географската одредница во случај да нè блокира Грција, ако не помине договорот во нивниот Парламент.

    Третиот предлог се однесува на постепена примена на промената на името, како што ќе се отвораат и затвораат поглавјата во преговорите со ЕУ.

    „Во оваа фаза на уставните амандмани само со дебата и креативност ќе дадеме што повеќе. Апелирам колегите од ВМРО-ДПМНЕ да учествуваат во сите овие процеси“, рече Канческа-Милевска.

    В понеделник на редовната координација на координаторите на пратеничките групи ќе биде предложена иницијативата за формирање на интерпартиско парламентарно тело за помирување и интеграција.

    „Се надевам дека на координацијата во понеделник ќе се одреди методологијата, да има контури и за во иднина, сериозно да се пристапи. Да одиме во насока на помирување. Ни треба соработка и обединување. Очекувам и треба да земат учество и колегите од ВМРО-ДПМНЕ“, кажа Канческа-Милевска.

    Г. ТРПЕНОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира