Изборот на шест судии за Апелациониот суд Скопје денеска пропадна откако седницата на Судскиот совет се прекина за пауза и паузата се претвори во колективна паника на членовите на Советот, кои постојано добиваа телефонски повици. Сликата изгледаше како во времето на поранешниот премиер Никола Груевски и бившиот министер за правда Блерим Беџети, кога, како што се слушна во бомбите, се бираа судии по партиски тефтерчиња. За шесте места во Скопска апелaција конкурирале 96 кандидати, што значи дека овој суд останува прв по атрактивност од сите судови и понатаму.
Членовите на Судскиот совет со телефони во рака првин се групираа по канцеларии за на крај да отидат сите кај претседателот на Судскиот совет Киро Здравев, а меѓу нив беше и в.д. претседателот на Врховниот суд Фаик Арслани.
Од кабинетот на Здравев соопштија дека седницата за избор на судиите во Апелациониот суд Скопје се одлага на неодредено. Оттаму како причина наведоа дека немало доволна координација за кого би го дале својот глас членовите на Судскиот совет од овие 96 кандидати.
- ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА НАЈГОЛЕМИОТ СУД ИЛИР СУЛЕЈМАНИ ЕДНОГЛАСНО ИЗГЛАСАН ОД СУДСКИОТ СОВЕТ ЗА ВТОР МАНДАТ
- БИВШИОТ ПРЕТСЕДАТЕЛ НА ДИК АЛЕКСАНДАР ЧИЧАКОВСКИ И ЕЛЕОНОРА АЈРО, СОПРУГА НА АРТАН АЈРО ОД СЈО, ИЗБРАНИ ЗА УПРАВНИ СУДИИ
На новинарско прашање дали тоа значи дека во Судскиот совет првин се договараат да наместат судии, па потоа само ги верификуваат со глумење гласање на седница, претседателот Здравев рече дека со ова разногласие меѓу нив, но и желбата на сите 96 кандидати да бидат избрани, може само да не се избере никој и огласот да пропадне. Притоа, кажа дека тоа е најлошата варијанта за Апелациониот суд Скопје, кој е најпренатрупаниот суд во државата, кој 5 години чека да бидат избрани најдобрите кандидати за да работат, а не да трупаат предмети како некои од судиите во апелација.
„Не можеме за таму да си дозволиме луксуз да избереме какви било кандидати, а тие што вредат да ги изгориме“, вели Здравев.
Нов оглас би значел нова процедура, рече тој, и со месеци и месеци неизбирање на судии во овој важен суд.
Дека досега биле бирани не докрај стручни кадри за судии претходно, на седницата за избор на претседатели на судови потврди и членот Виолета Богојеска, која пред да почне изборот на двајцата управни судии кажа: „Колеги, апелирам овојпат да ги избереме најстручните и најдобрите кандидати“.
С. К. ДЕЛЕВСКА