ПРИТВОР ЗА 11 ОД ВКУПНО 21 ШВЕРЦЕР НА МИГРАНТИ ОД АВГАНИСТАН, ПАКИСТАН, ИРАК И БАНГЛАДЕШ

    ПРИТВОР ЗА 11 ОД ВКУПНО 21 ШВЕРЦЕР НА МИГРАНТИ ОД АВГАНИСТАН, ПАКИСТАН, ИРАК И БАНГЛАДЕШПри претресите пронајдени и привремено одземени се 12 патнички моторни возила, 46 мобилни телефонски апарати, 36 сим картички, 17 држачи за сим картички, бела прашкаста материја, марихуана, пиштол кал.9 мм, воздушна пушка кал.4,5 мм ЦЗ, 112 куршуми, 5.770 евра, 197.000 денари и други девизи (Фото: МВР)

    Основниот суд Скопје 1 им одреди притвор на 11-мина од вкупно 21 осомничено лице, кои МВР вчера ги уапси за шверц на мигранти во текот на 2018 и оваа година. На останатите, судија на претходна постапка им одредил мерки на претпазливост.

    „Извршени се претреси во 20 објекти во Скопје, Штип, Радовиш и Струмица, по што лишени од слобода беа вкупно 16 лица, а еден е на издржување на казна затвор за сторено кривично дело по член 418-д. При претресите пронајдени и привремено одземени се 12 патнички моторни возила, 46 мобилни телефонски апарати, 36 сим картички, 17 држачи за сим картички, бела прашкаста материја, марихуана, пиштол кал.9 мм, воздушна пушка кал.4,5 мм ЦЗ, 112 куршуми, 5.770 евра, 197.000 денари, 105 американски долари, 100 швајцарски франци. Мерка притвор им е одредена на Ќ.М. Ќ.Н., И.А., Е.Г., Х.А., Е.Н., Љ.М., А.М., Ш.Е.,М.Е. и Е.О.“, соопшти МВР.

    Групата шверцувала мигранти од Авганистан, Ирак, Бангладеш, Пакистан и од други држави од истокот.

    Меѓу уапсените е и началникот на СВР Штип. Тој бил информаторот на групата каде има полициски патроли, контроли или заседи на патиштата, за шверцерите да го менуваат правецот и да не ги фатат комбињата со мигранти.

    Оваа група била поврзана со криминална група од Грција, која им ги предавала мигрантите на овдешните шверцери на луѓе, меѓу кои и деца, преку т.н. зелена граница. Преземањето на мигрантите се случувало во близина на Дојран и Гевгелија.

    Криминалната група, за сума од 150 до 300 евра по мигрант, ги пренесувала преку различни места за средба, до кумановско – липковскиот регион, селата Ваксинце и Лојане, па оттаму кон територијата на Република Србија и државите на Европската Унија. Интересно е што досега многу пати полицијата ги има лоцирано овие куќи во Лојане и Ваксинце, но шверцот на мигранти со крајна станица во овие северни села, пред напуштањето на Македонија, не се уништува.

    МВР им поднесе кривични пријави за криумчарење мигранти, организирање на група и поттикнување на извршување на делата трговија со луѓе, трговија со малолетно лице и криумчарење на мигранти. Осомничените се на возраст од 20 до 40 години.

    Организираната група за криумчарење мигранти била формирана од петмина кои во мај 2018 година од користољубие создале и организирале криминална група во која се приклучиле уште 15 лица. Групата шверцувала луѓе во континуитет до февруари 2019 година.

    Осомничените создале структура на групата. Имале поделени задачи на членовите, во која имало организатори, лице за преземање на мигрантите – качаци, чистачи, транспортери, извидувачи и слично. Дел од осомничените – чистачи преку конференциска врска користејќи Вибер апликација и GPS координати, имале задача да ги известуваат останатите членови на криминалната група за евентуална поставеност на полициските патроли на рутата по која се движеле возилата, по што веднаш биле менувани правците на движење. Дел од осомничените остварувале комуникација со сега осомничен полициски службеник од СВР Штип, а со цел добивање на известувања за евентуална поставеност на полициски патроли, контроли или заседи, како и информации за тоа дали криминалната група е предмет на истрага во МВР и насоки како да го прикријат нивното криминално делување.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари