ПРИТВОР ЗА МИЈАЛКОВ ДО ПРАВОСИЛНОСТ НА ПРЕСУДАТА ЗА „ТРЕЗОР“, ОДЛУЧИ СУДОТ

    ПРИТВОР ЗА МИЈАЛКОВ ДО ПРАВОСИЛНОСТ НА ПРЕСУДАТА ЗА „ТРЕЗОР“, ОДЛУЧИ СУДОТЗа злоупотреба на службената положба и овластувањата при набавката на британска опрема за следење на електронска комуникација, Сашо Мијалков денеска е осуден на 8 години единствена казна затвор. (Фото: К. Попов)

    На барање на јавниот обвинител Трајче Пеливанов, кој заедно со обвинителот Артан Ајро стојат зад обвинението за случајот „Трезор“ по кое денеска Основниот кривичен суд Скопје го осуди Сашо Мијалков на 8, а Горан Грујевски на 15 години затвор, на Мијалков му е одреден притвор до правосилност на пресудата.

    Пеливанов побара, а судијата Џенета Бегтовиќ го прекина претходниот притвор на Мијалков за „Тврдина-Таргет“ кој истекува на 26 април, и му одреди 30 дена сега за „Трезор“.

    Мерката притвор за „Тврдина-Таргет“ можеше да опстои само 2 месеца, зашто таму Мијалков и останатите беа судени по обвинителен предлог, а не по обвинителен акт. Кај обвинителниот предлог сите рокови се пократки, па и притворот и мерките за обезбедување на обвинетите.

    Каде што е предвидена казна затвор над 5 години, како во случајот на „Трезор“ за злоупотреба на службената положба и овластувањата, се поднесува обвинителен акт. Притворот по пресудата по ваков обвинителен акт е неограничен. Може да биде до правосилност на пресудата, а може и до почетокот на издржувањето на казната затвор.

    За злоупотреба на службената положба и овластувањата при набавката на британска опрема за следење на електронска комуникација, Сашо Мијалков како тогашен директор на УБК првостепено е осуден на 5 години затвор плус 5 за испумпување пари од буџетот на МВР за одржување на нефункционалната опрема. Или, на 8 години единствена казна затвор.

    Адвокатите на Мијалков рекоа дека одлуката за новиот, според најавата на судот, подолготраен притвор против Мијалков, е незаконски. На сè уште актуелна стара мерка, судот носи нова мерка притвор, смета одбраната и најави дека ќе ја обжали пред повисоки инстанци.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира