Вечерва доби притвор од судија на претходна постапка 20-годишниот В. Ј. од Скопје, кој вчеравечер ја удри со кола и на местото ја усмрти 22-годишната Фросина Кулакова пред Универзалната сала на булеварот Партизански одреди во Скопје.
Ова момче, кое пијано вчера пред полноќ возел со брзина над 120 километри на час, било со укината мерка притвор од судот, за друго дело, за дилање дрога. Обвинителството денеска кажа дека тогаш поднело жалба на одлуката за укинување на притворот што ја донел судија и чекало одлука од повисок суд.
Понискиот суд не само што му го укинал притворот, туку му дал и заводска мерка, упатување во Воспитно-поправен дом во Тетово како помлад полнолетник. Лани тој имал 19 години и судот замижал пред сериозните кривични дела за продавање дрога и не му изрекол затвор.
„ОЈО Скопје претходно имаше поднесено обвинение со предлог за продолжување на мерката притвор која по предлог на обвинителството беше определена од самиот старт на постапката, и тоа за две кривични дела од член 215 од Кривичниот законик – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори. Основниот кривичен суд Скопје донесе пресуда со која на обвинетиот му изрече – заводска мерка упатување во воспитно -поправен дом Тетово, третирајќи го сторителот како помлад полнолетник. Во текот на целата постапка, токму по предлог на јавниот обвинител лицето беше во притвор, а при изрекување на пресудата Судот ја укина притворската мерка за обезбедување. Незадоволен од пресудата, имајќи го притоа предвид и претходното поведение на сторителот, јавниот обвинител вложи жалба и предметот е во жалбена постапка“, кажа Обвинителството.
Во моментот кога ја усмртил Фросина, 20-годишникот возел пијан, без дозвола, а поминал и на црвено светло. Девојката поминувала на пешачки премин, на зелено светло. Од силниот удар била фрлена повеќе метри, починала на место.
Обвинителството донесе Наредба за спроведување истражна постапка за возачот осомничен за Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 став 2 во врска со член 297 став 1 од Кривичниот законик. Тој возел „пежо 207“ сопственост на татко му по десната сообраќајна лента од Партизанска.
„Меѓутоа, не се придржувал кон прописите и со тоа го загрозил јавниот сообраќај“, вели Обвинителството.
„Автомобилот го управувал без возачка дозвола и под дејство на алкохол со 0,82 промили присуство на алкохол во урина, со што го довел во опасност животот на луѓето. Кога дошол пред обележан пешачки премин на крстосницата со улицата 29 Ноември, не ја приспособил брзината на движење на возилото спрема својствата и состојбата на патот и сообраќајот и другите сообраќајни услови за да може навремено да го запре возилото пред секоја пречка. Пред пешачкиот премин регулиран со семафори кои за време на незгодата работеле исправно, продолжил со движење на вклучено црвено светло на семафорот и со предниот лев дел од возилото удрил во телото на пешакот-жртва, која на обележан пешачки премин попречно ја преминувала коловозната лента“, објави Обвинителството.
С. К. ДЕЛЕВСКА