Советот на јавни обвинители на денешната сеница не ја разреши веднаш притворената Специјална обвинителка Катица Јанева, туку седум часа членовите го читале обемниот материјал против неа, собран во истрагата за „Рекет“ што им го доставила шефицата на Обвинителството за организиран криминал Вилма Рускоска.
Рускоска кажа дека пред Советот ги презентирала сите докази и искази на сведоци кои досега ги има Обвинителството за случајот „Рекет“ каде осомничени и во притвор се Бојан Јовановски-Боки 13, Зоран Милески-Кичеец и Катица Јанева.
Поради обемноста на материјалот, членовите не биле во можност да расправаат и да донесат одлука за разрешувањето на Јанева, беше кажано од Советот на јавни обвинители. Седницата по оваа точка, Советот ќе ја продолжи в четврток.
Јанева е осомничена за злоупотреба на службената положба и овластувањата дека како обвинител влијаела на олеснување на состојбата на осомничени и притворени лица во истраги на СЈО, стекнувајќи за тоа лична материјална корист за себе, но и за прво и второосомничените во „Рекет“ Боки 13 и Зоки Кичеец.
Во законот за СЈО не е предвидена замена за Специјалната обвинителка, ниту е утврдена постапка за избор на нов шеф.
Јанева поднесе оставка на 15 јули, и рече дека ќе стане активна тогаш кога политичките партии ќе се усогласат за новото законско решение и ќе го изберат нејзиниот наследник. Оставката ја најави со објава на сајтот на СЈО, кусо откако иститот ден беа приведени прво и второосомничениот во „Рекет“ Бојан Јовановски-Боки 13 и Зоран Милески-Кичеец. Мандатот на Јанева истекува на 15 септември.
Денеска Собранието ја усвои потребата од донесување на новиот Закон за Јавно обвинителство по скратена постапка, според кој СЈО ќе стане дел од новото Обвинителство за организиран криминал и висока корупција. За четврток се закажани расправите за овој Закон во Комисијата за европски прашања и Законодавно-правната комисија.
С. К. ДЕЛЕВСКА