Премиерот Зоран Заев кажа дека проблемот со името со Грција ќе го решава во соработка со опозиција, а граѓаните ќе дадат мислење преку референдум. Пред гласањето за влада во Собранието, Заев кусо им одговараше на пратениците кои дискутираа по неговото експозе.
„Проблемот на Грција со нашето име е логично прашање на загриженост. Ќе разговараме заедно со опозицијата, заедно со консензус ќе ги носиме одлуките кои ќе бидат конечни на референдум пред граѓаните, но во функција да најдеме решение за проблемот, а не да го блокираме“, рече Заев во одговорот за пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски.
Пред Заев, од собраниската говорница се обрати лидерот на опозицијата Никола Груевски, кој кажа дека ВМРО-ДПМНЕ се залага за фер решение за проблемот со името, а од новото мнозинство се очекува поинаков пристап по прашањето.
„Главната причина за оваа надворешна операција беше нашата политика во однос на барање фер решение за проблемот со името, кое не го добивме и како резултат на тоа не ја добиваме заслужената покана за НАТО и почнувањето преговори за влез во Европската унија. Стратешка цел ни е фер решение, а не наметното решение. Од новото мнозинство се очекува поинаков пристап по ова прашање“, изјави Груевски.
М. ИЛИОСКИ