ПРОГРЕСИВНИОТ ДАНОК САМО БИ ПОТТИКНАЛ КРИЕЊЕ ПРИХОДИ И НЕ БИ ДОНЕЛ МНОГУ ПОВЕЌЕ ПАРИ ВО БУЏЕТОТ

    ПРОГРЕСИВНИОТ ДАНОК САМО БИ ПОТТИКНАЛ КРИЕЊЕ ПРИХОДИ И НЕ БИ ДОНЕЛ МНОГУ ПОВЕЌЕ ПАРИ ВО БУЏЕТОТВо земјава не може да се смета дека се богати луѓе со плата од 1.000-1.500 евра, а токму тие би биле најпогодени со евентуалниот прогресивен данок, а оние 50 до 70 луѓе што имаат милионски приходи ќе најдат начин да ги скријат приходите или да ги иселат од земјава, укажуваат од од Фајненс тинк (Фото: Ѓ. Личовски)

    Дали прогресивниот данок само би поттикнал криење приходи и креативни идеи за манипулација на системот, а не би донел многу повеќе пари во буџетот, е прашањето што го поставува анализата на институтот за економски истражувања и политики Фајненс тинк од Скопје.

    Институтот укажува дека податоците за доходовната распределба објавени од Министерството за финансии укажуваат на лошата социјална слика за Македонија и според нив, вкупното население е сиромашно, а најбогатиот 1 процент се всушност 50-70 луѓе чии приходи ја искривуваат целосната слика. Од Фајненс тинк укажуваат дека во земјава не може да се смета дека се богати луѓе со плата од 1.000-1.500 евра, а токму тие би биле најпогодени со евентуалниот прогресивен данок.

    Клучно е во дизајнот на прогресивното оданочување е да се дефинира прецизно кој ќе биде основот за збогатување за оданочување на приходите на оној најбогат 1 процент – дали е тоа плата, дивиденди или друго. Токму тој 1 процент ќе наоѓа креативни начини да го манипулира даночниот систем – на пример, со отворање сметки во Косово, на Белизе, со договори за консултантски услуги и слично. – (Фото: СДК.МК)

    „Во земјава постојано едни исти луѓе плаќаат данок“, велат од Фајненс тинк.

    Исто така, сметаат дека клучно е во дизајнот на прогресивното оданочување да се дефинира прецизно кој ќе биде основот за збогатување за оданочување на приходите на оној најбогат 1 процент – дали е тоа плата, дивиденди или друго.

    Укажуваат и дека токму тој 1 процент ќе наоѓа креативни начини да го манипулира даночниот систем – на пример, со отворање сметки во Косово, на Белизе, со договори за консултантски услуги и слично.

    Буџетските ефекти од потенцијалното прогресивно оданочување би биле релативно мали и на годишно ниво би се движеле помеѓу 30 и 37 милиони евра дополнително прибран персонален данок од доход, што претставува помеѓу 10,8% и 13,1% од вкупно прибраниот персонален данок од доход. Овие пресметки не го земаат предвид ефектот од криењето на приходите. – Министерот за финансии Драган Тевдовски со министерката за труд и социјала Мила Царовска – (Фото: Влада на РМ)

    Mинистерот за финансии Драган Тевдовски најави дека до крајот на годината ќе се знае како ќе се воведе прогресивниот данок,  а дека потребата од оваа даночна реформа, како и од евентуално воведување на данок на луксуз, ја потврди и анализата за доходовната нееднаквост во Македонија. Според министерот, истражувањето кое за првпат е направено во земјава откри фрапантни податоци за примањата, но и огромна дискрапанца меѓу богатите и сиромашните.

    „Во Македонија најбогатите три проценти од граѓаните заработуваат исто толку колку што и педесет  проценти од граѓаните со  најнизок доход“, вели Тевдовски.

    Фајненс тинк изврши проценка на буџетските ефекти кои би се постигнале со потенијално воведување прогресивен данок на персонален доход. Симулирани се четири алтернативи: оданочување на вкупниот доход на најбогатите 1% со 18%; оданочување на разликата помеѓу вкупниот доход и границата од 1.523 евра со 18%, а износот под 1.523 евра со 10%, на најбогатите 1%; оданочување на вкупниот доход на најбогатите 2% со 18%; и о даночување на разликата помеѓу вкупниот доход и границата од 1.044 евра со 18%, а износот под 1.044 евра со 10%, на најбогатите 2%.

    Според направената симулација на Фајненс тинк, резултатите покажуваат дека буџетските ефекти од потенцијалното прогресивно оданочување би биле релативно мали и на годишно ниво би се движеле помеѓу 30 и 37 милиони евра дополнително прибран персонален данок од доход, што претставува помеѓу 10,8% и 13,1% од вкупно прибраниот персонален данок од доход. Притоа, овие пресметки не го земаат предвид ефектот од потенцијално зголемување на даночната евазија, односно криењето на приходите.

    За споредба, износот што од буџетот се одвојува за сите видови социјални помошти, на годишно ниво изнесува околу 100 милиони евра. Износот што буџетот ќе го одвои за субвенционирање на порастот на минималната плата изнесува 90 милиони евра.

    „Според овие пресметки, дизајнот на потенцијалната реформа за прогресивно оданочување треба да биде внимателен, во поглед на следните прашања: Колкава ќе биде стапката на прогресивниот данок? Кои ќе бидат границите на одделните стапки? Кои се лицата кои ќе бидат оданочени со повисоки стапки, односно дали се тоа претприемачи, менаџери, професионалци во брзорастечки индустрии (ИТ) и слично? Како новонаметнатиот даночен товар ќе се одрази врз малите претпријатија, стартапите и кој било друг претприемнички потфат? Како новонаметнатиот данок ќе се одрази врз иселувањето на висококвалификуван и дефицитарен кадар, како што се ИТ инженери, доктори, претприемачи и слично? Дали стапките на прогресивниот данок ќе бидат различни, зависно основата на доходот (на пр., особено диференцирање на стапките за данок на доход од дивиденда, кирија и слично)?“, велат од Фајненс тинк.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари