Министерството за надворешни работи на 12 септември протера тројца руски дипломати од земјава. Како што стои во соопштението од Министертвото, на амбасадорот на Руската Федерација во земјава Сергеј Баздникин му била врачена дипломатска нота, со која тројца дипломати во Амбасадата на Руската Федерација во Скопје се прогласени како непожелни во државата (persona non grata).
„Ваквата одлука е донесена по информациите добиени од надлежните органи за превземени активности кои се во спротивност со Виенската конвенција за дипломатски односи“, велат од МНР.
За протерувањето на руските дипломати се огласи и портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова според која тројцата руски дипломати се протерани без образложение.
„Неодговорниот и непријателски напад на властите во Северна Македонија нема да остане без одговор“, изјави Захарова.