Најголем број претставки од незадоволни граѓани од работата на судовите и од правдата, во Судскиот совет лани биле поднесени против судии од Основниот граѓански суд Скопје. Биле поднесени 98 претставки од граѓани, фирми, државни институции кои ги препратиле до Судскиот совет.
На второто место е Апелациониот суд Скопје, со 94 претставки против судии. Овие податоци се содржани во последниот Извештај на Судскиот совет, кој е за неговата работа за 2020 година.
„Основниот граѓански суд Скопје во 2020 година не успеал да го совлада приливот на новопримените предмети и го зголемил заостатокот за 3.123 предмети, со што се оценува како неажурен суд“, пишува во извештајот.
По овие два рекордера, следува Основниот кривичен суд Скопје, каде што е и Одделот за организиран криминал и корупција, со 57 поднесени претставки за работата на судиите лани.
За Апелациониот и Основниот кривичен суд пишува дека лани биле ажурни судови, го совладале приливот на предмети.
Овие три суда се со најголем број на предмети, но и најголем број на судии, стручни соработници и администрација.
Врховниот суд не е голем суд и со голем број предмети, па сепак лани во Судскиот совет биле адресирани дури 44 претставки против врховни судии.
„ Во дел од претставките се укажува на незадоволство од работењето на судот поради одолговлекување на постапката, случаи кога не се почитувани предвидените рокови за преземање на процесните дејствија на донесување, објавување и изготвување на судските одлуки и сл. Исто така, во дел од претставките подносителите сметаат дека судиите во текот на постапувањето по одделни предмети не го примениле правилно законот, односно сториле повреда на процесниот и материјалниот закон со што покажале нестручност и несовесност во вршењето на судиската функција“, наведува дел од причините на незадоволните граѓани Советот, кои ги поднесувале претставките.
Во текот на 2020 година, Советот постапувал по вкупно 531 претставка. Од нив, на седница се разгледани 493 претставки, од кои 485 претставки се неосновани, 4 претставки се основани, 2 претставки се дeлумно основани и 2 претставки се повлечени од подносителот. За основаните претставки за кои Советот констатирал пропусти во работата на судијата се наведува дека се води евиденција и се следи работата на судијата, со што ваквото негово постапување може да биде основ Советот да иницира постапка за утврдување одговорност на судијата заради нестручно и несовесно вршењето на судиската функција.
С. К. ДЕЛЕВСКА