Владата ќе бара од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и од Европската инвестициска банка (ЕИБ) дел од парите за изградба на пругата до границата со Бугарија да се пренаменат за изградба на брзата пруга од Србија и рехабилитација на постојната пруга кон Грција. Николски смета дека парите треба да се пренаменат оти не се знае дали некогаш ќе се изгради пругата кон Бугарија.
„За пругата кон Бугарија треба да се седне сериозно со нивната влада и да се види дали ова е најдобриот проект, дали тие можат да го изведат од нивна страна и дали има алтернативни и поевтини решенија за реализирање на проектот, рече Николоски одговарајќи на новинарско прашање при увидот во изградбата на патот Ранковце-Крива Паланка.
Проектот како што рече Николовски чини 452 милиони евра, а со надзор, техничка поддршка и електрификација чини ќе достигне 560 милиони евра, од коишто 350 милиони евра се кредити.
„Еден километар ќе чини некаде околу 24 милиони евра. Само за споредба, брза пруга која што оди со 200 километри на час чини помеѓу 10 и 12 милиони евра километар. И сега се поставува логичното прашање дали вреди да се потрошат 560 милиони евра народни пари во сиромашна Македонија за пруга која што треба да уништи дел од градот Крива Паланка, да вози со 60 километри на час, да има теоретски 22 тунели и да завршува во тунел којшто не води никаде, односно во превод таа пруга никогаш нема да се заврши само што ќе ги фрлиме парите и ќе имаме ситуација каде што за 10 години уште ќе зборуваме дека пругата не е завршена, рече Николоски.
Николовски кажа дека во моментов постои пруга помеѓу Скопје и Куманово, а се гради и веќе е при крај првата делница која што оди од Куманово до Бељаковце.
„Првата фаза ја изведува австриски „Штрабаг“ и работат навистина сериозно. Втората фаза се гради од Бељаковце до Крива Паланка, за жал оди со многу спора динамика, само 15 проценти се изградени и има несериозен изведувач на таа траса. Третата траса од пред Крива Паланка до граница со Бугарија има неколку маани во себе. Прво, поминува низ Крива Паланка и треба да сруши 20 куќи. Тоа се 20 семејства на коишто треба да им се уништи животот. Второ, имајќи предвид дека поминува низ планински појас нема да можат возовите да се движат со повеќе од 60 километри на час, а поентата е побрзо да се стига, а не поспоро. Трето, завршува во тунел којшто на другата страна не води никаде затоа што ние можеме да го изградиме само до нашата територија, а Бугарите воопшто немаат проект за од другата страна“ рече Николоски.
Проектот „пруга до Бугарија“ го почна уште Владата на Бранко Црвенковски во 1994 година и оттогаш сите влади зборуваат за завршување на овој проект.
Во октомври 2022 година почна со градба на источен дел од железничкиот Коридор 8, секција Куманово – Бељаковце – Крива Паланка, а на свечениот настан присуствуваат експремиерот Димитар Ковачевски, тогашниот бугарскиот премиер Галаб Донев и министри од двете влади.
За изградбата на овие два железнички сегменти, Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) има одобрено кредит за Северна Македонија од скоро 200 милиони евра.
Рехабилитацијата на железницата е во голема мерка поддржана и од ЕУ со 75 милиони евра инвестициски грант, а дополнително, билатералните донатори преку Инвестициската програма за Западен Балкан (ИПЗБ) одобрија 6 милиони евра грант за техничка помош за подготовка на проектот и негова супервизија.
Надградбата на пругата од Куманово до Бељаковце ќе се извршува од австриската компанија „Штрабаг“, а од Бељаковце до Крива Паланка од турската компанија „Ѓулермак“.
А. АНТЕВСКА