ЗНАМ ДЕКА ГРАЃАНИТЕ НЕ ВЕРУВААТ ДЕКА НЕКОГАШ ЌЕ СЕ ИЗГРАДИ ПРУГАТА ДО БУГАРИЈА, СИСТЕМОТ НИ Е ТАКОВ, КАЖА КОВАЧЕВСКИ И ВЕТИ ДЕКА ЌЕ ГО СРАБОТИ ПРОЕКТОТ

    ЗНАМ ДЕКА ГРАЃАНИТЕ НЕ ВЕРУВААТ ДЕКА НЕКОГАШ ЌЕ СЕ ИЗГРАДИ ПРУГАТА ДО БУГАРИЈА, СИСТЕМОТ НИ Е ТАКОВ, КАЖА КОВАЧЕВСКИ И ВЕТИ ДЕКА ЌЕ ГО СРАБОТИ ПРОЕКТОТИли во текот на овие изминати 30 години не сме имале знаење или немало доволно посветеност или имало премногу корупција или сите три работи заедно, кажа Ковачевски - Од oтпочнување со градба на источен дел од железничкиот Коридор 8 (Фото: Влада)

    Премиерот Димитар Ковачевски кажа дека е свесен за скептицизмот кај граѓаните дека некогаш ќе се изгради пругата до Бугарија, но вети дека ќе ги удвои напорите и ќе го сработи проектот заедно со соседите и со ЕУ.

    Проектот „пруга до Бугарија“ го почна поранешниот премиер Бранко Црвенковски во 1994 година, а денеска во близина на Куманово беше одбележано oтпочнување со градба на источен дел од железничкиот Коридор 8, секција Куманово – Бељаковце – Крива Паланка, во присуство на Ковачевски бугарскиот премиер Галаб Донев и министри од двете влади.

    Станува збор за изградба на 34 километри пруга од Бељаковце до Крива Паланка, како и финализирање на останатите активности поврзани со 31 километар пруга од Куманово до Бељаковце.

    За изградбата на овие два железнички сегменти, Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) има одобрено кредит за Северна Македонија од скоро 200 милиони евра.

    Рехабилитацијата на железницата е во голема мерка поддржана и од ЕУ со 75 милиони евра инвестициски грант, а дополнително, билатералните донатори преку Инвестициската програма за Западен Балкан (ИПЗБ) одобрија 6 милиони евра грант за техничка помош за подготовка на проектот и негова супервизија.

    Надградбата на пругата од Куманово до Бељаковце ќе се извршува од австриската компанија „Штрабаг“, а од Бељаковце до Крива Паланка од турската компанија „Ѓулермак“.

    „Вчера, следејќи ги вестите на медиумите, многу од нив кога известуваа за денешниот настан неизбежно беше да предочат дека веќе 30 години, или поточно 28 години, овој проект стои во место. Возот до Софија тргна во 1994 година и тоа е така. Пругата наречена надеж, како што ја карактеризираат медиумите и тоа е сосема прецизна карактеризација. Свесен сум дека постои скептицизам и ја сум еден од оние кои пораснаа со проектот ‘железница за Бугарија’ и знам зошто постои тој скептицизам, таа недоверба дека некогаш ќе се случи ова. Системот ни е таков и тоа на многу места. Јасен ми е сентиментот на граѓаните и за да можеме да го поправиме сето ова најпрво треба да си признаеме, а потоа да се зафатиме со работа. Или во текот на овие изминати 30 години не сме имале знаење или немало доволно посветеност или имало премногу корупција или сите три работи заедно. Затоа тука пред вас одговорно тврдам дека единствената опција е да ги удвоиме напорите и да го сработиме сето ова со нашите пријатели, со нашите соседи и со ЕУ“, кажа Ковачевски.

    Премиерот додаде дека новата железничка инфраструктура ќе отвори пазари за нови инвестиции за нова соработка меѓу домашните и со меѓународните компании и ќе има помалку трошоци за транспорт, што е многу важно за стопанството во време на економска криза со која се соочуваат Европа и светот.

    Директорот на МЖ-инфраструктура Хари Локвенец кажа дека пругата до Бугарија ќе биде готова до крајот на оваа деценија.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира