ПРВАТА СМЕНА ЗАТВОРСКИ ПОЛИЦАЈЦИ ОСЛОБОДИЛЕ УБИЕЦ, А ВТОРАТА ЧУВАЛА ПРАЗЕН КРЕВЕТ ВО БОЛНИЦА И НЕ ПРИЈАВИЛА ДЕКА ЗАТВОРЕНИКОТ ИЗБЕГАЛ

    ПРВАТА СМЕНА ЗАТВОРСКИ ПОЛИЦАЈЦИ ОСЛОБОДИЛЕ УБИЕЦ, А ВТОРАТА ЧУВАЛА ПРАЗЕН КРЕВЕТ ВО БОЛНИЦА И НЕ ПРИЈАВИЛА ДЕКА ЗАТВОРЕНИКОТ ИЗБЕГАЛЗатвореникот заминал на цигара со затворските полицајци, кои го оставиле за да избега, се вратиле во болничката соба без него (Фото: СДК.МК)

    Обвинителството за организиран криминал бара притвор за шестмина затворски полицајци од две смени, кои пуштиле да избега наводно болен осуденик за убиство, а потоа седеле покрај празен кревет место да пријават бегство додека убиецот со кола ги напуштал Клиничкиот центар и Скопје.

    Денеска се приведени вкупно 17 припадници на затворската полиција во „Идризово“. Обвинителот всушност работи на два случаја, на бегство и на недозволено излегување и враќање во затвор на истото лица претходно, кога ќе му се присакало.

    Предметниот јавен обвинител денеска донел Наредба за спроведување на истражна постапка против шест лица, од кои за петмина постои основано сомнение дека во текот на октомври минатата година сториле кривично дело Овозможување бегство на лице лишено од слобода по чл.372 ст.2 од КЗ, додека едно лице се сомничи за помагање во сторување на кривичното дело.

    На 26.10.2023 година во приватна здравствена установа во Скопје, петмината осомничени – затворски полицајци при КПУ – КПД Идризово Скопје, како група, со умисла помогнати од шестиот осомничен затворски полицаец – приправник, овозможиле бегство на лице осудено за кривично дело ‘Убиство’ по чл.123 ст.1 од КЗ. Додека осуденото лице било на медицински третман, согласно прописите било обезбедувано од затворската полиција на КПУ-КПД Идризово. Критичниот ден со придружба на двајца осомничени затворски полицајци, лицето се упатило во просторијата за пушење во непосредна близина на болницата. Таму, заедно со придружбата поминало околу половина час, по што осомничените затворски службеници заминале, овозможувајќи му на осуденикот да излезе од просторијата и со ПМВ да се даде во бегство. Осомничените не го пријавиле бегството кај непосредните старешини во КПУ- КПД Идризово, ниту тоа го сториле осомничените од втората смена, туку седеле без осуденото лице во празниот апартман во болницата каде биле затекнати од полициски службеници од ЕИП при МВР-СВР Скопје“, соопшти Обвинителството.

    Воедно, јавниот обвинител против 11 лица води предистражна постапка заради постоење на основи на сомнение дека, во временскиот период од 19 – 26.10.2023 година, сториле продолжено кривично дело Противзаконито ослободување на лице лишено од слобода по чл.373 в.в. со чл.22 од КЗ. Осомничените во текот на престојот на осуденикот како соизвршители, додека биле на смена, го ослободувале осуденото лице кое им било доверено на чување, кое непречено без придружба ја напуштало здравствената установа и по повеќечасовно отсуство се враќало назад.

    Ценејќи дека постојат околности што го оправдуваат стравот oд опасност од бегство, дека ќе ги сокријат, фалсификуваат или уништат трагите на кривичното дело и дека со влијание врз сведоци и соучесниците ќе ја попречат истрагата, обвинителот на судијата на претходна постапка во Основниот кривичен суд – Скопје му предложил определување на мерката притвор за шестмината осомничени.

    За единаесетте лица за кои се води предистражна постапка, предложил мерки на претпазливост: забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето; обврска на обвинетиот да се јавува повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган; привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница, односно забрана за нејзино издавање; забрана за приближување или воспоставување, односно одржување контакти или врски со определени лица и забрана за преземање на определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело.

    Од една до десет години затвор кај нас се предвидени за кривичното дело „Овозможување бегство на лице лишено од слобода“ по чл.372 и од три месеци до пет години за кривичното дело „Противзаконито oслободување на лице лишено од слобода“ по чл.373 од КЗ.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира