Лицето A.Ѓ., првоосомничено за убиството на хрватскиот ракометар Денис Тот, се предало на полицијата во Скопје, соопшти утринава Основното јавно обвинителство Скопје.
Тој ќе биде спроведен во притвор, бидејќи за него судија на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје веќе има донесено решение за определување мерка притвор во траење од 30 дена. Во притвор се и другите двајца осомничени за убиството што се случи на 7 април пред дискотеката „Привилиџ“ во скопскиот градски парк.
Претходно, обвинителството соопшти дека тројца, меѓу кои и 19-годишна девојка, се осомничени за убиство на хрватскиот ракометар на Бутел, Денис Тот, кој почина на КАРИЛ. Двајца од осомничените беа лишени од слобода на 9 април и беа пред судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, додека по првоосомничениот се трагаше и беше распишан централен распис. Тие се идентифиувани врз основа на прегледаните видеозаписи од безбедносни камери – Safe City и ноќниот клуб каде се случило убиството.
Обвинителството кажа дека по извршената обдукција на Институтот за судска медицина и геонтологија врз 27-годишниот Тот, и според првичните наоди, иако нема видливи повреди, смртта е насилна и настапила како резултат на повреди на мозокот настанати од нанесените удари
„Кривично-правниот настан се случил на 7 овој месец, во раните утрински часови, пред ноќен клуб во Скопје кога осомничените по кратка вербална расправија, го нападнале сега починатиот хрватски државјанин и му задале повеќе удари со боксови и клоци. Од ударите сега починатиот паднал и со задниот дел од главата удрил во асфалт и изгубил свест. Тројцата осомничени продолжиле со дејствија на удирање по главата, а потоа, без да му укажат помош, заминале од местото на настанот. Лице вработено во ноќниот клуб повикало Итна медицинска помош по што сега починатиот бил пренесен на Ургентниот центар при Клиниките ‘Мајка Тереза’. Според информациите од лекарите што го примиле сега починатиот, лицето имало престанок на работата на срцето, масивен оток на мозокот, пресечен јазик и висока телесна температура. По приемот бил ставен на апарати за дишење и бил во животнозагрозувачка состојба, а наредниот ден и покрај обидите за реанимација починал“, соопшти Обвинителството на 9 април.