Додека шетал на отворено, денеска непознат сторител пукал кон градоначалникот на Арачиново Ридван Ибраими од ДУИ.
Инцидентот се случил во Арачиново. Било пукано со автоматско оружје кон него, а повреден е член на обезбедувањето, кој сакал да го заштити, и уште едно лице од придружбата на градоначалникот. Ранетите се однесени во Клиничкиот центар во Скопје.
„Денеска (01.04.2024) во 13.25 ч. во СВР Скопје е пријавено дека на влез на с. Арачиново машко лице со автоматска пушка пукало кон градоначалникот на Oпштина Арачиново Р.И., кој бил заедно со уште неколку лица. При тоа повредени се две лица, кои биле заедно со градоначалникот. Градоначалникот не е повреден, а не се точни ниту шпекулациите објавени во дел од порталите дека е повреден полициски службеник. СВР Скопје презема мерки за расчистување на случајот“, соопштија од полицијата.
Во септември 2022 година, градоначалникот Ибраими во полиција пријави дека бил физички нападнат од неколку лица, а во мај 2023 пријави дека добивал закани по живот.
С. К. ДЕЛЕВСКА