Специјалниот американски пратеник за Западен Балкан Габриел Ескобар рече дека американската влада ги поддржува уставните измени што треба да се усвојат во македонскиот парламент и дека работата со новата бугарска влада да нема нови барања во пристапниот процес со ЕУ.
„Вашингтон го поддржува процесот за уставни измени што ќе го овозможи пристапувањето на Северна Македонија во ЕУ, а е ангажиран и со новата влада на Бугарија за да се осигура дека нема да поставува нови барања откако Северна Македонија ќе ги исполни своите обврски од постоечките договори“, кажа Ескобар на дебата за Западен Балкан пред Поткомитетот за надворешна политика на Конгресот на САД.
Наспроти ваквиот ангажман на САД е бугарскиот претседател Румен Радев, кој вчера кажа дека усвојувањето на уставните измени е само првиот чекор, а не и последниот.
Тој ја поздрави одлуката на македонската влада за испраќање во собраниска процедура на уставните амандмани и додаде дека е „важно да се види и имплементација на барањата во двата протоколи кои се неделив дел од преговарачката рамка за пристапување на Скопје во ЕУ“.