РАДИОАКТИВЕН ОТПАД НА ДРИСЛА НЕ МОЖЕ ДА СЕ ГОРИ, ТВРДИ ДИРЕКЦИЈАТА ЗА РАДИЈАЦИОНА СИГУРНОСТ

    РАДИОАКТИВЕН ОТПАД НА ДРИСЛА НЕ МОЖЕ ДА СЕ ГОРИ, ТВРДИ ДИРЕКЦИЈАТА ЗА РАДИЈАЦИОНА СИГУРНОСТДирекцијата за радијациона сигурност велат ниту од Град Скопје, ниту од градоначалникот Петре Шилегов не добила барање да се вклучи во испитување на шпекулациите дека на депонијата Дрисла се гори радиоактивен отпад (Фото: СДК.МК)

    Радиоактивен отпад на депонијата Дрисла не може да се уништува и да се гори, вели Светислав Ѓорѓевиќ, директор на Дирекцијата за радијациона сигурност на Македонија. Тој вели дека на оваа депонија нема услови за горење на радиоактивен отпад.

    „Радиоактивен отпад не може да се уништи или да се гори, бидејќи за да се распадне со горење потребно е да се гори на многу високи температури. Кај нас нема услови за тоа и секое тврдење дека на Дрисла се гори радиоактивен отпад е шпекулација. Овој отпад може да се складира и да се чува додека самиот не се распадне, во зависност од периодот на полураспаѓање. Еден вид радиоактивен отпад се распаѓа за еден час, други пак за триесет години“, вели Ѓорѓевиќ.

    По изјавите на скопскиот градоначалник Петре Шилегов во завчерашното интервју за ТВ 24вести дека се испитува работењето на депонијата, бидејќи има индиции дека се правени криминални дејствија и дека е согоруван радиоактивен отпад, од Дирекцијата за радијациона сигурност велат дека досега ниту од Градот, ниту од градоначалникот Шилегов не добиле никакво барање да се вклучат во испитување на случајот.

    „Ако добиеме барање и ако ни покажат на кое место точно се сомневаат дека има радиоактивен отпад може да интервенираме, односно да испитаме дали е навистина радиоактивен отпад, а потоа да го дислоцираме и да го складираме на соодветно место. Досега никој не се обратил кај нас“, вели Ѓорѓевиќ.

    Дирекцијата за радијациона сигурност освен отстранување и складирање на радиоактивниот отпад, ги контролира сите извори на јонизирачко зрачење, односно дава дозволи за увоз на извори на јонизирачко зрачење, како и дозвола за нивно ставање во функција.

    „При увоз на акцелератори или друга медицинска опрема или други извори на јонизирачко зрачење нашата Дирекција проверува дали се почитувани стандардите и дава дозвола за увоз, а потоа и дозвола за ставање во функција на тој апарат или извор на зрачење. Имаме одлична соработка со царината и со Министерството за внатрешни работи, кои на граничните премини се опремени со соодветна апаратура и ако има нешто сомнително веднаш нѐ викаат“, вели Ѓорѓевиќ.

    Тој вели дека во земјава неодамна имало инспекција од Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), и дека врз база на извештајот од оваа инспекција, Македонија е меѓу 69 земји кои целосно ги почитуваат стандардите за третман на извори на јонизирачко зрачење.

    Според извештајот на МААЕ за оваа инспекција во Македонија објавен на 7 ноември, лидерот на инспекцискиот тим Мика Маркканен, главен советник на Финскиот орган за радијациона и нуклеарна безбедност, СТУК, вели: „Регулаторната рамка и националните аранжмани за управување со отпадот мора да се зајакнат за да се осигура безбедно управување со сите видови радиоактивен отпад, вклучувајќи ги и неупотребените радиоактивни извори од прекинатите практики”.

    Извршниот директор Горан Ангелов, кој е и претставник на Град Скопје во управниот одбор на Дрисла, денеска за САКАМДАКАЖАМ.МК изјави:

    „На Дрисла ниту имало, ниту има, ниту пак може да има радиоактивен отпад. Не може да има ниту опасен отпад. Да имаше, ние сите што работиме на депонијата ќе бевме мртви. Таков отпад не може да влезе во земјава, па тој треба да помине царина. Зар го фрлале со авиони на Дрисла? Градоначалникот Шилегов може да дојде на Дрисла и да се увери сам, пред да збори. Што се однесува за индициите дека има криминал и за тоа може слободно да провери. Ние работиме според сите законски прописи“.

    Ангелов рече и дека за депонијата Дрисла во март, 2017 е склучен нов договор со италијанската компанија „ФЦЛ Амбиенте“, според кој концесијата е на 35 години, а градоначалникот врши надзор над концесионерот.

    Ангелов лани во декември, одговарајќи на обвинувањата кои се појавија во јавноста дека причина за загадениот воздух во Скопје се шест нови печки на депонијата во кои се уништува и ѓубре од увоз, нагласи дека на депонијата никогаш не е примен ниту уништен отпад од увоз. Ова затоа што Италијанците дотогаш немаа инсталирано ниту една нова печка. Истото важи и годинава, односно новата печка за согорување медицински отпад допрва ќе биде инсталирана.

    Давањето под концесија на депонијата „Дрисла“ беше проследено со скандали уште од моментот кога Град Скопје пред пет години ја одбра на меѓународен тендер италијанската компанија „ФЦЛ Амбиенте“. Германски „Шолц“, второпласирана фирма на тендерот, ја оспори постапката за доделување на концесијата на Италијанците. Го тужеа Град Скопје за неправилности во тендерската постапка, а Управниот суд го поништи договорот и донесе одлука да се повтори постапката за избор на концесионерот. Но и во повторената постапка, Град Скопје како најдобра ја одбра понудата за модернизација на Дрисла од „ФЦЛ Амбиенте“. Тие ја добија депонијата на 35 години и според договорот во неа треба да инвестираат 73 милиони евра. Дваесет отсто од профитот што ќе го остварат треба да го префрлат на сметката на Град Скопје, според условите во договорот.

    Генерален директор на Дрисла од 2014 е Доменико Ферацоли. Иако уште ја нема ветената модернизација според која „ФЦЛ Амбиенте“ од скопска Дрисла требаше да направи најмодерна депонија на Балканот, тука на годишно  ниво просечно се уништуваат 170.000 тони комунален отпад, 9.000 тони инертен отпад, 2.000 тони технолошки отпад и прехранбени стоки и 900 тони медицински отпад.

    Е. БОЧВАРОСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира