Обвинетата во случајот на СЈО „Насилство во Центар“, пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Даниела Рангелова, денеска среде судење остана без адвокатката. Паралелно со ова судење почна и издвоената постапка за случајот „Тенк“ на СЈО, за незаконската набавка на мерцедесот од 600.000 евра против ексминистерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, каде истата адвокатка ја брани и неа. Во согласност со Рангелова, бранителката замина кај клиентката Јанкулоска.
Вториот адвокат на Јанкулоска и беше исто така на „Насилство во Центар“. Го брани Никола Груевски. Груевски го ослободи да оди кај Јанкулоска, но тој не остана сам како Рангелова, бидејќи има и друг адвокат. По кратко време се врати, ѝ го откажал полномошното на Јанкулоска.
Денеска во „Насилство во Центар“ сведочеше поранешниот општински советник Никола Ѓорѓиевски, кој рече дека за време на нападот и кршењето на Општината во јуни 2013, тој лично ги прашувал полицајците зошто не преземаат ништо против толпата, а тие му рекле: „Нам ни рекоа само да присуствуваме, да не преземаме ништо“.
Ова обвинение е едно од двете најстари на СЈО и застарува во 2019.
С. К. ДЕЛЕВСКА