РАСТАТ СТАПКИТЕ НА НОВОЗАБОЛЕНИ И ПОЧИНАТИ ОД КОВИД-19, МАНУ ОТКРИ НОВИ ВАРИЈАНТИ НА ВИРУСОТ КОИ ДОСЕГА ГИ НЕМАШЕ ВО ЗЕМЈАВА

    РАСТАТ СТАПКИТЕ НА НОВОЗАБОЛЕНИ И ПОЧИНАТИ ОД КОВИД-19, МАНУ ОТКРИ НОВИ ВАРИЈАНТИ НА ВИРУСОТ КОИ ДОСЕГА ГИ НЕМАШЕ ВО ЗЕМЈАВАНајголем дел од регистрираните случаи се од Скопје (1.011; 47,7%). (Фото: К. Попов)

    Од 1 до 7 февруари, зголемен е бројот на новозаболени од ковид-19 и смртноста од ковид-19, стои во неделниот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ). Регистрирани се 2.120 нови позитивни случаи од 34 градови во државата со зголемување од 4,1% во однос на минатата недела. Пријавени се 66 смртни случаи од 21 град, со зголемување од 3,1% во однос на минатата недела. Во однос на возраста, 58 лица биле над 60 години, 5 лица на возраст од 50-59 години и по едно лице на возраст од 40-49, 30-39 и 20-29 години.

    Тестирани се вкупно 14.398 материјали, со зголемување од 4,8% во однос на минатата недела.

    Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје (1.011; 47,7%), со неделна инциденца – 163,7/100.000. Највисока неделна инциденца од 415,7/100.000 е регистрирана во Демир Капија.
    Процентот на позитивност се движи од 10,3 до 17,7%, просечно 14,2%, идентично како минатата недела.

    Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 (н=568, 26,8%). Голем број на заболени се регистрира и кај лицата во возрасните групи од 30-39 (422; 19,9%), 50-59 (381; 18,0%), 40-49 (358; 16,9%) и 20-29 (257; 12,1%). Најмал број е регистриран кај децата од 0-9 (40; 1,9%) и 10-19 години (94; 4,4%).

    „Во текот на минатата недела до ИЈЗ се пријавени 649 материјали кои биле секвенционирани за присуство на британскиот сој на САРС-КоВ-2 од три лаборатории (ИЈЗ, Жан Митрев и МАНУ). Од секвенционираните, 56 се позитивни за присуство на новиот сој на САРС-КоВ-2. Од овие резултати е забележано дека британскиот сој на САРС-КоВ-2 е присутен во осум градови, а најголем број случаи се откриени во Охрид (25), Прилеп (10) и Кавадарци (4).

    Согласно анализите од МАНУ, во последниот период се детектирани поголем број на нови варијанти, кои претходно не беа присутни кај пациентите во нашата држава, што може да укажува на континуиран внес на нови случаи на ковид-19 од странство“, вели Институтот.

    За наведениот период, со статус оздравени се стекнале 3.322 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, 11,6% повеќе во споредба со минатата недела.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира