СО РАЦЕ ТРГААТ КОЛИ ЗА ДА СТИГНАТ ДО ПОЖАРОТ, ЦЕНТАР И АЕРОДРОМ НАЈНЕПРИСТАПНИ ЗА ВОЗИЛАТА НА ПОЖАРНА

    СО РАЦЕ ТРГААТ КОЛИ ЗА ДА СТИГНАТ ДО ПОЖАРОТ, ЦЕНТАР И АЕРОДРОМ НАЈНЕПРИСТАПНИ ЗА ВОЗИЛАТА НА ПОЖАРНА„Имаме отежнат пристап речиси до секоја локација. Целиот град ни е проблем, паркираат возилаа насекаде, пристапот околу зградите е многу лош, не се плански изведени за влез на Пожарна или возила на Брза помош“, вели командантот на Пожарна Звонко Томески.- Денеска пајакот мораше да интервенира кај Градежен факултет за возилата да стигнат до објектот (Фото:Г.Трпеноски)

    Пожарната во Скопје едвај стигнува до местото на пожарот од неплански градби без соодветен пристап, испаркирани коли, како и од урбана опрема. Пожарникарите, освен што се справуваат со пожарот на терен, го расчистуваат и простор и смислуваат начин како да пристапат до објектот.

    Возилата на Противпожарната бригада и денеска едвај влегоа во дворот на Градежниот факултет да го изгасат пожарот. Кога стигнале првите возила, најпрво им бил блокиран патот до факултетот од паркирана кола сред улица. Пожарникарите морале со раце да ја тргаат колата за да пристапат до местото на пожарот. Потоа едвај минале низ паркингот, па чекале пајаците од Градот и Општина Центар да го расчистат просторот.

    „Ваквите ситуации ни се секојдневие. Имаме отежнат пристап речиси до секоја локација. Целиот град ни е проблем, паркираат возила насекаде, пристапот околу зградите е многу лош, не се плански изведени за влез на Пожарна или возила на Брза помош. Мака мачиме и со урбаната опрема која е поставена на јавните површини“, вели Звонко Томески, командант на Противпожарната бригада на Скопје.

    За пожарникарите црна точка е цело Скопје, но најкритично е велат во Центар и Аеродром. Кога имаат интервенцијата во овие делови на Скопје однапред знаат дека ќе имаат проблем да стигнат до местото.

    „Нас ни е драгоцена секоја минута, но како знаеме и умееме се сноаѓаме. Досека пречките од патот не се отстранат ги оставаме возила онаму до каде може да влеземе и ги пуштаме цревата, додека се отстранат“, додава Томески.

    Урбанистите уште пред две децении предупредуваа дека урбаната мафија  што претставува корумпирана спрега меѓу локалните власти и инвеститори, ќе го запали Скопје, оти во обид да изгради што повеќе згради за поголем профит, не остава простор за соодветен пристап до зградите, не води сметка за обезбедување паркинг за станарите и ред други норми кои постојат само на хартија.

    Предупредувањата на урбанистите останаа само на хартија, оти трендот да се гради на секое слободно ќоше, не сопира.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира