РАЗРЕШЕНИ МИНИСТРИТЕ МЕЏИТИ И АЛИУ

    РАЗРЕШЕНИ МИНИСТРИТЕ МЕЏИТИ И АЛИУРазрешувањето на двајцата министри доаѓа по расколот во Алијанса за Албанците. (Фото: К. Попов)

    Со 62 гласа „за“ и ниеден „против“, доцна синоќа се разрешени министрите за здравство и за информатичко општество и администрација Фатмир Меџити и Азир Алиу. На гласањето не присуствуваа пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

    За нов министер за здравство е предложен актуелниот директор на Клиничката болница во Тетово, Илир Демири, а за министер за информатичко општество и администрација Наим Бајрами.

    Меџити и Алиу се разрешени по предлог на техничкиот премиер Талат Џафери, кој образложувајќи го предлогот за разрешување, од собраниската говорница рече дека според законот, не може да има два опозициски субјекта во составот на Владата и дека тоа е основната причина зошто е предложено разрешувањето на двајцата министри.

    „Воопшто не станува збор за нивните стручност и професионалност, кон што имам исклучителна почит“, рече Џафери.

    Разрешувањето на двајцата министри доаѓа по расколот во Алијансата за Албанците, откако актуелниот претседател на партијата Арбен Таравари побара поддршка од членството за коалиција со албанскиот опозициски блок на претстојните избори, со што не се согласува претседателот на Централното собрание Зијадин Села.

    Пред гласањето синоќа, се обрати министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу, кој изнесе повеќе информации за опструкции што ги имал, како што рече, од страна на ДУИ, но и за тоа што се случувало изминатата недела по објавувањето на информацијата дека Алијанса за Албаците ќе ја поддржи опозицијата. Тој го обвини министерот за политички систем од редовите на ДУИ Артан Груби дека ги носел одлуките за разрешување на кадрите на Алијансата за Албанците кои не ја поддржувале ДУИ.

    „Знаете ли која беше првата одлука на Артан Груби на 5 февруари 2024? Разрешувањето на кадрите од Алијансата за Албанците. Истиот ден тие почнаа да ги разрешуваат членовите на АА каде што биле вработени. Во вторникот одиме на Влада, влегува премиерот, од неговата лева страна седи Артан Груби и гледаме дека на дневен ред има уште двајца директори од АА, а денеска сме и ние за разрешување“, рече Алиу.

    До вчера, рече Алиу, се зборуваше дека ДУИ ги контролира албанските партии, но денеска се гледа дека ДУИ ги контролира и отворено одлучува кој ќе биде министер во една друга партија, што е пуч.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира