Бедредин Ибраими, поранешниот член на Државната изборна комисија (ДИК) иако ги исполнува условите за одење во пензија, ќе користи апанажа една година. Ибраими до Собранието поднел барање да му се одобри апанажа.
Претседателот на собраниската Комисја за избори и именувања Илија Димовски потврди дека Ибраими поднел барање за апанажа.
„Стигнато е барањето, како и за сите така и за Бедредин Ибраими ќе му се одобри апанажа, му следува по закон“, изјави Димовски.
Извори од ДИК за САКАМДАКАЖАМ.МК изјавија дека Бедредин Ибраими поднел барање да користи апанажа една година бидејќи апанажата е поголема од пензијата. На претходниот претседател на ДИК Никола Рилковски не му беше одобрена апанажата, кој беше пред одење во пензија.
Пратениците со 77 гласа „за“ и ниту еден „против“ или „воздржан“ на 11 септември , ги донесоа измените на Изборниот законик, според кој партиите во Државната изборна комисија со членови ќе бидат соодветно застапени според соодносот на пратеници во Парламентот.
Бедредин Ибраими во ДИК го замени Асани-Салија од Движењето БЕСА.
Разрешениот Ибраими реагираше на неговата смена од ДИК, тврдејќи дека измените на Изборниот законик се незаконски.
ДПА во ДИК со години е застапена со Бедредин Ибраими. Тој има и обвинение од Специјалното јавно обвинителство во предметот за изборни нерегуларности именуван „Титаник“, заедно со Сашо Срцев од ВМРО-ДПМНЕ, за изборни нерегуларности.
СЈО бараше мерки за претпазивост и мерки забрана за вршење на дејноста (членови на ДИК), за да не го повторат делото за изборите кои следат во иднина, но Основниот суд Скопје 1 ги отфрли барањата на СЈО.