ТЕХНОЛОГИЈАТА ПОКРАЈ РАЗВОЈ НА ОБРАЗОВАНИЕТО, ПОЧНА ДА ПРАВИ ШТЕТА КАЈ НАВИКИТЕ НА УЧЕНИЦИТЕ, ВЕЛИ ИЛЕ МИХАЈЛОВСКИ, КОЈ Е МЕЃУ 50. ФИНАЛИСТИ ВО СВЕТОТ ЗА НАГРАДАТА НАЈДОБАР НАСТАВНИК

    ТЕХНОЛОГИЈАТА ПОКРАЈ РАЗВОЈ НА ОБРАЗОВАНИЕТО, ПОЧНА ДА ПРАВИ ШТЕТА КАЈ НАВИКИТЕ НА УЧЕНИЦИТЕ, ВЕЛИ ИЛЕ МИХАЈЛОВСКИ, КОЈ Е МЕЃУ 50. ФИНАЛИСТИ ВО СВЕТОТ ЗА НАГРАДАТА НАЈДОБАР НАСТАВНИК„Иако барањата и критериумите им се високо поставени, она што го радува секој наставник од било која држава е дека во процесот на оценување единствено се земаат во предвид неговите постигнувања во работата како наставник“, вели Михајловски.

    Одделенскиот наставник Иле Михајловски од Основното училиште „Кирил и Методиј“ од Свети Николе е меѓу 50. финалисти од 5.000 номинирани наставници од 89 земји, за манифестацијата Најдобар наставник во светот (Global Teacher Prize), а организирана од фондацијата Варки (Varkey)  и со поддршка на УНЕСКО и компанијата „ГЕМС Едукејшн“ (GEMS Education).

    „Оваа номинација за наставник од Македонија значи многу. Самиот чин дека си номиниран, значи и голема одговорност. Секоја апликација ја прегледуваат и оценуваат 90 еминентни судии. Доколку го привлечеш вниманието на судиите те интервјуираат на Зум, моето интервју беше на 31 декември. Иако барањата и критериумите им се високо поставени, она што го радува секој наставник од која било држава е дека во процесот на оценување единствено се земаат предвид неговите постигнувања во работата како наставник. На цена е чесниот постигнат труд на наставниците, нивниот придонес во развојот и унапредување на образованиете во местото и државата во која живеат и работат. Самото тоа е и можеби најголемото признание кое кој било наставник може да го добие, признавањето на неговите постигнувања во светски рамки“, вели Михајловски за САКАМДАКАЖАМ.МК.

    Михајловски е 29 години во образованието, и на прашањето да направи споредба за системот во кој учел, во кој почнал да работи и денешниот образовен систем, вели дека разликите се немерливо различни.

    Напредокот на технологијата, осовременувањето на наставата, иновативните примени на технологијата на наставата, појавата на Интернетот значи олеснување во полесна достапност на ресурси применливи во наставата, измени на наставните програми, учебници, вели тој. Но,  потенцира дека токму тој развој на технологијата со неверојатно брзо темпо има и свои силно негативни страни.

    „Тој развој не мора да значи секогаш развој во позитивна смисла. Сè повеќе и повеќе се согледуваат директните штети и во образовниот процес од технолошкиот развој. Тоа како наставник лесно го согледувам во сè поголемиот број на ученици кои имаат отсуство на фина графомоторика, појавата на екранизам и вештачките симптоми на аутизам, проблеми во говорот, сè поголемата и силната појава на врсничкото насилство. Неколку европски земји, согледувајќи ги силните негативни импакти од ваквиот развој на технологијата, во своите образовни системи ги вратија учебниците, а максимално ја намалија технологијата како средство за едукација“, вели Михајловски, кој во 2020 ја добил наградата за Најдобро во образованието од Регионалниот актив на новинари Исток – Штип.

    Михајловски вели дека, со оглед на тоа што оваа манифестација се одржува  9. година по ред, и процесот на номинирање поминувал низ промени. За оваа година номинацијата е на два начина: да бидеш номиниран од некој  друг (не мора тоа да биде наставник) , но можеш и сам да се пријавиш. Во неговиот случај, бил номиниран, го информирале електронски и следна постапка е пополнување на апликацијата.

    „Апликацијата ми зема време од 3 седмици за да ја пополнам според дадените критериуми, а рокот кој првично беше до 8 декември, поради технички проблеми беше продолжен до 16 декември. Мојата апликација ја испратив на 7 декември, со што по комплетирањето и пријавувањето, апликацијата е затворена и нема можност за дополнителни измени. На 15 јануари ја објавија листата на топ 50 финалисти, до крајот на јануари од овие 50 финалисти ќе се објави топ 10 финалисти, а на почетокот на февруари ќе го објават и победникот. Главниот настан ќе се одржи од 10 до 13 февруари во Дубаи“, вели Михајловски.

    На 15 јануари ја објавија листата на топ 50 финалисти, до крајот на јануари од овие 50 финалисти ќе се објави топ 10 финалисти , а на почетокот на февруари ќе го објават и победникот. Главниот настан ќе се одржи од 10 до 13 февруари во Дубаи. (Фото: Принтскрин од сајтот на наградата)

    Михајловски на 14 години останал без родители, созреал доста порано за да може да се справи со животните предизвици и „сосема случајно испадна да ја изберам наставничката професија, во која можеби се провлекува и таа приказна од детството“.

    „Кога пред 29 години започнав да работам како наставник , едноставно сфатив дека тоа е мојата мисија, а талентот во цртање си најде голема примена во работата како наставник. И еве, скоро три децении зад мене во работата со деца, освен со моите ученици, помагам секогаш на најранливите категории деца: децата без родители, децата со посебни потреби, децата од социјален ризик и еднородителски семејства“, ни рече наставникот.

    На прашањето што мисли за последните извештаи од УНИЦЕФ и ПИСА, кои се поразителни за македонското образование, што смета  дека треба да се направи, како децата да го совладаат материјалот со сфаќање, а не само напамет, Михајловски вели:

    „Ова прашање е прилично длабоко и тешко, за кое не е лесно да се даде точен и конкретен одговор, а истиот  да нема критички осврт. Причините во поразителните резултати се многу, слоевити се, па ќе се обидам да ги набројам кратко: честите измени на наставните програми, проблемите со учебниците, изгубените морални вредности, губење на вистинскиот модел на воспитување на децата (секоја чест на исклучоци), преголемата изложеност на технологијата уште од најмала возраст кај децата, проблемите во социјализацијата, економскиот статус на семејствата, немање поттик и љубов за читање и дружење со книгата (поинтересни се телефоните и компјутерите), поддршката која децата треба да ја добиваат од своите родители уште од почетокот на описменувањето, отворена и искрена соработка во триаголникот ученик-наставник- родител. Кратко, би дал одговор, треба од корен да се смениме сите, за доброто на она што колку и да е клише, а е жива вистина  – Децата се иднината на секое општество“.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира