Најкасно до осми август треба да завршат седниците за донесување на ребалансот на Буџетот и за разрешувањето на Јавниот обвинител Марко Зврлевски.
Пратеникот на СДСМ Благој Бочварски вчера изјави дека ако треба, парламентарното мнозинство ќе се откаже од одморот се додека не се разреши Јавниот обвинител Марко Зврлевски.
Извори од парламентарното мнозинство за САКАМДАКАЖАМ.МК пак велат дека ако оди динамиката како што е начелно предвидено, најкасно до 8 август ќе се завршат седниците за ребалансот на Буџетот и за Зврлевски.
„За денес беше предвидена седница за договорот со Бугарија. Но, тој се објави јавно и таква седница е беспредметно да се одржи. Седницата за ребалансот на Буџетот е закажана за вторник (1-ви август) и законски трае расправата најмногу пет дена, односно до 5 август, но може да заврши и на трети август. На шести август е последниот рок за претседателот на Собранието Талат Џафери да ги распише локалните избори закажани за 15 октомври. Сè зависи како ќе оди расправата за ребалансот и кога тој ќе се гласа. Најкасно до 8 август треба да се гласа за разрешување на Марко Зврлевски“, изјавија од парламентарното мнозинство за САКАМДАКАЖАМ.МК.
Претседателот на Собранието Талат Џафери кажа дека одморот на пратениците ќе почне од 4 август, а краен рок да ги распише локалните избори е 6 август во интервју за државната агенција МИА.
„Одморот на пратениците ќе почне од 4 август, а има можност да почне и од 6 август затоа што засега нема никаква иницијатива во однос на локалните избори и ако вака останат работите, 6 август е краен рок да ги распишам локалните избори и со тоа да почнат да течат роковите и организацијата во однос на локалните избори и потоа би работеле до почетокот на предизборната кампања до 25 септември“, изјави Џафери.
Според собранискиот Деловник, Собранието е во постојано заседание, а одморот на Собранието трае од 1 до 31 август. Претседателот на Собранието може и за време на одморот да свика седница на Собранието.
Претседателот на Собранието Џафери на 21 јули изјави дека дебатата за ребалансот на Буџетот ќе заврши до 3 август, кога ќе биде и изгласан ребалансот. Во меѓувреме, тој ќе свика продолжение на барем три заостанати седници, меѓу кои што и онаа за разрешување на Јавниот обвинител Марко Зврлевски.
Од Собранието велат дека претседателот Џафери не кажува каква стратегија ќе примени за да ги заврши досегашните незавршени неколку седници.
Г. ТРПЕНОСКИ