РЕДИЦА ФУНКЦИОНЕРИ НА РАСПИТ ВО СЈО ЗА ПРОШИРЕНИОТ СЛУЧАЈ „ТИТАНИК“

    РЕДИЦА ФУНКЦИОНЕРИ НА РАСПИТ ВО СЈО ЗА ПРОШИРЕНИОТ СЛУЧАЈ „ТИТАНИК“Поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески беше забележан како излегува од просториите на СЈО минатата среда. (Фото: СДК.МК)

    Во Специјалното јавно обвинителство (СЈО) повторно има зголемена фреквенцијата на лица, овојпат поврзани со случајот „Титаник“, за кој специјалната обвинителка Катица Јанева на прес-конференцијата 28 февруари соопшти дека истрагата е проширена за уште 17 осомничени лица. Како што кажа Јанева, петмина од од нив делувале како создатели на групата, а се работи за функционери во власта, а останатите осомничени се членови на групата, вработени како службени лица во повеќе државни органи.

    Поради тајноста на предистражната постапка, СЈО не открива детали ниту кого повикале, ниту зошто се повикани.

    „Титаник“ е првиот случај што го отвори Специјалното јавно обвинителство, а го објави на 12 февруари минатата година. Главни осомничени се ексминистерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, генералниот секретар на владата Кирил Божиновски и градоначалникот на Пустец Едмонд Темелко. Тие се осомничени за кривични дела злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување на изборен материјал и злоупотреба на средствата за финансирање на изборната кампања, а во проширената истрага, според СЈО, има основано сомнение и за други дела.

    Тоа е најголемиот случај за кој СЈО отвори истрага. Поделен е на три дела: изборните измами со фалсификуваните лични карти од МВР, изборните нерегуларности во општинската изборна комисија Чаир и на посебен дел со осомничените петмина судии од Управниот суд на РМ, кај што стигале жалбите за изборни нерегуларности.

    На 28 февруари, Јанева соопшти дека СЈО ја прошири истрагата за уште 17 лица.

    „Во оваа прилика ја известувам јавноста дека истрагата под кодно име ‘Титаник’ на 10.02.2017 година е проширена против 17 нови лица за кривични дела против изборите и гласањето за кои постои основано сомневање дека се сторени во периодот од 2011 до 2014 година, од кои 5 од осомничените лица делувале како создатели на групата, а се работи за функционери во власта, а останатите осомничени се членови на групата, а кои се вработени како службени лица во повеќе државни органи. Основаното сомневање произлегува од повеќе необјавени аудио записи, како и од поголем број на материјални докази“, изјави Јанева.

    Во третиот шестмесечен извештај за работата на СЈО објавен на 15 март, стои дека случаите „Титаник“ и „Транспортер“ се први за кои истрагите се завршени и СЈО подготвува обвинителни предлози до судот. Според извештајот, истрагата за првиот случај „Титаник“ e во завршна фаза, а пред судот треба да бидат изведени 8 лица осомничени за сторено кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување. Во овој предмет доставени се 13 покани за осомничени, составени се 7 записници за испитување на осомничени лица, донесена е една наредба за изготвување на економско-финансиско вештачење и доставени се 11 известувања за завршување на истражна постапка.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира