РЕФЕРЕНДУМОТ ЗА ЕУ ВО ИСЛАНД ПРОПАДНА, АНТИИМИГРАНТСКИ ПАРТИИ ПОБЕДУВААТ ВО ГЕРМАНИЈА, ЛЕ ПЕН ВОДИ ВО ФРАНЦИЈА, ТОА СЕ НАШИТЕ ИНДИКАТОРИ, ВЕЛИ МИЦКОСКИ

    РЕФЕРЕНДУМОТ ЗА ЕУ ВО ИСЛАНД ПРОПАДНА, АНТИИМИГРАНТСКИ ПАРТИИ ПОБЕДУВААТ ВО ГЕРМАНИЈА, ЛЕ ПЕН ВОДИ ВО ФРАНЦИЈА, ТОА СЕ НАШИТЕ ИНДИКАТОРИ, ВЕЛИ МИЦКОСКИМицкоски рече дека нема информации какви што објави порталот „Политико“ дека Албанија, Црна Гора, Украина и Молдавија ќе добијат патокази за пристапување во Европската Унија, но не и Македонија. (Фото: СДК.МК)

    Премиерот Христијан Мицкоски денеска во одговор на новинарско прашање кажа дека повеќе е загрижен за иднината на ЕУ, отколку за тоа дека Македонија веќе и не се спомнува ни за преговори, ни за патокази за членство, какви што ќе добијат Албанија, Црна Гора, Украина и Молдавија.

    Тој всушност рече дека нема информации какви што објави порталот „Политико“ дека овие 4 земји ќе добијат патокази за пристапување во Европската Унија, но не и Македонија.

    „Ако е тоа точно треба да ја прашате ЕУ зошто е тоа така. Таа информација ја објави медиум. Имајќи предвид дека ние испорачавме најголем дел од реформите што се дел од Реформската агенда и од Планот за раст веќе во два извештајни периода и ако пристапувањето во ЕУ е процес кој се оценува врз основа на заслуги, за мене ова е нелогично. Затоа треба да видиме дали е така или не е, а моите информации велат дека не е така“, рече Мицкоски на денешната промоција на ревитализацијата на хидроелектраните.

    Премиерот и во третата година од неговото владеење сè уште тврди дека Владата има јасен план и во контекст на тоа во продолжение се загрижи дека на ЕУ не ѝ се пишува добро.

    „Кога правите план каква политика да водите треба да ги имате предвид случувањата во соседството, но и во поширокото соседство, односно во Европската унија. Имаме неуспешен референдум во Исланд за рестартирање на преговорите со ЕУ, имаме три изборни циклуси во покраини во Германија, кадешто гледаме дека победуваат екстремни политички структури, односно структури што не се мејнстрим. Сите се тие антимигрантски и се против проширувањето на ЕУ. Напролет имаме претседателски избори во Франција. Според последните мерења, таму е фаворит Марин ле Пен и бројките велат дека ќе биде новиот претседател на Франција, барем како што денес стојат работите. Во моментов имаме две големи војни. Така што ова е некаков индикатор врз основа на кој ќе треба да ги градиме политиките во периодот што следи. Ние нашата домашна задача ќе ја работиме, другото не е до нас“, кажа Мицкоски.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира