Еврокомесарката за проширување и добрососедска политика Марта Кос денеска, на отворањето на Самиотот ЕУ-Западен Балкан посветен на Планот за раст во Скопје, рече дека реформите кои земјите од овој регион треба да ги направат не се едноставни, но користа ќе биде голема за граѓаните.
„Можам да се разнежнам кога зборувам за Западен Балкан, затоа што регионот ми е драг и сакам да помогнам најмногу што можам за да преминете преку целта. Клучните реформи што ги бараме од вас не се едноставни. Тие задираат закоравени структури на моќ и интереси и бараат длабока општествена трансформација. Потребо е вие лидерите да ја водите оваа промена. Користа е многукратна, ќе донесе стабилност, безбедност и просперитет за сите ваши граѓани. Планот за раст е целосно во ваши раце, нема мешање од политичките динамики. Ова е алатка што ќе ви помогне со важните реформи и овие реформи се неопходни за да ве подготват за членство“, рече Кос.
На Самитот чиј домаќин е премиерот Христијан Мицкоски, учествуваат еврокомесарката Кос и лидерите од Западен Балкан, како и министри, високи претставници од Европската Унија, регионални организации и меѓународни институции.
Во Скопје синоќа пристигнаа премиерите на Албанија Еди Рама, на Косово Албин Курти, на Црна Гора Милојко Спајиќ, претседавачката на Претседателството на Босна и Херцеговина Борјана Кришто и српскиот министер за евроинтеграции Немања Старовиќ.