Реформската агенда не е само усогласување со критериумите на ЕУ, туку во суштина е подобрување на секојдневниот живот на граѓаните, кажа шведската амбасадорка Ами Ларсон Џаин на денешната тркалезна маса за реформската агенда за членство во Европската унија на земјава.
„Шведска останува посветен партнер за членството на Северна Македонија во ЕУ. Заедно со Швајцарија се стремиме да ги зајакнеме демократските институции, да поттикнеме владеење на правото и да го унапредиме доброто владеење. Реформската агенда не е само усогласување со критериумите на ЕУ, туку во суштина е подобрување на секојдневниот живот на граѓаните. Нуди рамка за градење на пофер, позелено и понапредно општество. Во целиот овој процес важна улога има активната вклученост на младите, граѓанските организации и медиумите“, кажа амбасадорката Ларсон-Џаин на тркалезната маса во рамките на проектот за поддршка на процесот на евроинтеграции на земјава финансиран од Шведска, Швајцарија и Министерството за европски прашања.
Премиерот Христијан Мицкоски кажа дека планот за раст и реформската агенда не е само услов за интеграција туку инструмент за оздравување на општеството.
„Нашата одговорност, како политичари, е да создадеме услови за целосна деполитизација на судството, заштита на обвинителите и судиите од политички и бизнис притисоци, но и поинакви механизми за надворешен надзор и отчетност, како и вистинска, а не формална поддршка на институциите за борба против корупцијата. Ниту една држава не се развива само со институции – потребна е економија што функционира. Владата која ја предводам е свесна дека без отворен дијалог и вистинско партнерство со граѓанскиот сектор, не може да постигнеме трајни и инклузивни реформи. Затоа, нашата заложба е да ја продлабочиме соработката, преку редовни консултации при креирање на политиките“, рече Мицкоски.