Ќе се одземат лиценците на компанијата „Балкан енерџи груп“ (БЕГ) која го врши затоплувањето на домовите во Скопје со парно греење. Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски денеска одговарајќи на новинарско прашање кажа дека е почната постапка за одземање на трите лиценци кои ги има БЕГ односно за производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија.
„Сега за сега толку можам да ви кажам. Во моментот кога ќе ги одземеме лиценците ќе ја информираме Владата и согласно Законот за енергетика Владата е должна да распише тендер на којшто ќе треба да се најдат нови вршители на енергетската дејност. Сите постапки ќе бидат завршени навреме, а дотогаш БЕГ има обврска да ја обавува дејност“, рече Бислимоски.
Одговарајќи на прашање дали по одземање на лиценците државата ќе ја преземе оваа дејност, Бислимоски рече дека тој може само да ѝ препорача на Владата да се укинат посебните лиценци за производство, дистрибуција и снабдување и да има само една лиценца за испорака на топлинска енергија.
„Мое мислење е дека по примерот на соседството и градовите во Србија и Хрватска, Владата или јавно претпријатие треба да ја преземат вршењето на оваа дејност“, додаде Бислимоски.
Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Бислимоски уште лани зимото кога почна енергетската криза најави одземање на лиценците на БЕГ по најавите од нивна страна дека ќе престанат да испорачуваат топлинска енергија оти немале пари за набавка на гас. Тогаш од БЕГ предлага Владата времено да го преземе управувањето со компанијата до завршување на кризната состојба и грејна сезона. Но, Бислимоски тогаш кажа дека не може друг да им го решава проблемот на БЕГ, за потоа во мај да се вратат „како принцеви на бели коњи“.
„Предлогот што го понуди БЕГ за Регулаторната комисија е неприфатлив, имајќи предвид дека сите опции што ги понудија и Регулаторната комисија и Владата, БЕГ и ТЕ-ТО ги одбија. Се разбира дека одговорноста за снабдување со топлинска енергија ќе си ја преземе Владата кога веќе БЕГ кажува дека тоа нема да може да го прави од сабота, но затоа Регулаторната комисија ќе им ја одземе лиценцата за работата. Дополнително, нека не очекуваат некој друг да им го реши проблемот за тие во мај да се вратат како принцеви на бели коњи. Сè што треба да преземе државата за да си ги заштити граѓаните, ќе преземе“, изјави Бислимоски за САКАМДАКАЖАМ.МК на 13 јануари.
Но, лиценцата на БЕГ не беше одземена туку беше најдено решение со кое Државната компанија Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) го презема управувањето со „Балкан енерџи груп“ додека трае енергетската криза односно до крај на грејната сезона.
А. АНТЕВСКА